СО МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА БИТОЛА ПО 43 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЕ НОВ РЕНТГЕН АПАРАТ НА ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ

    СО МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА БИТОЛА ПО 43 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЕ НОВ РЕНТГЕН АПАРАТ НА ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕСпоред очекувањата, монтажната болница ќе биде готова за три недели. (Фото: СДК.МК)

    Модуларниот Ковид-центар, за чие подигање почнаа подготовки до Клиничката болница во Битола, ќе биде опремен со нова медицинска опрема со цел пациентите да имаат подобри услови за лекување, а и медицинскиот кадар за работа. Ќе добие и нов рентген апарат на Инфективното одделение, каде што постојниот е стар 43 години.

    „Модуларните болници стигнуваат целосно опремени од кревети, рентген апарати, ехо, клими. Она што ќе го добиеме се најсовремени услови за третман со сеʹ што е потребно, вклучително и рентген апарати и ехо. Рентген апаратот што го имаме е од 1977 година. Капацитетот ќе биде меѓу 90 и 120 легла кои првично ќе се користат, па ако има потреба ќе се прошируваме во старата зграда“, рече Билјана Гагачовска, директорка на Клиничка болница Битола.

    Градоначалничката Наташа Петровска вели дека интензивирани се подготовките на терен, а фирмите што се вклучени синхронизирано работат за да се подигне болницата што е можно поскоро. Според очекувањата, тоа ќе биде за три недели, но Петровска вели имајќи ги во предвид околностите дека може да се појават и позитивни случаи меѓу лицата вклучени во изведбата, не е добро да се прецизира краен рок, иако ќе се вложи максимумот.

    Во постоечкиот Ковид-центар на Инфективното одделение во Битола денес има 70 пациенти и 13 слободни кревети. Во случај бројот да се искачи над максимумот, ако не е готова модуларната болница, тие ќе се сместат на Физикалното одделение кое е веќе подготвено да стане Ковид- центар 2.

    „Сметам дека искористувањето на останати капацитети од болницата не е вистинско решение. Вистинското решение е во вакви модуларни болници зашто знаеме дека покриваме како Клиничка болница голем регион, па не треба да застанат и другите активности“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира