СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР УШТЕ Е БЕЗ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НИКОЈ НЕМА МНОЗИНСТВО

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР УШТЕ Е БЕЗ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НИКОЈ НЕМА МНОЗИНСТВОИ втората седница ја водеше најстарата советничка Виолета Велковска од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: Општина Центар)

    Советот на Општина Центар е без претседател и е единствена скопска општина која работи со претседавач, односно седниците ги води најстариот советник. Во сите Општини, по избор на нов градоначалник и советници на првата конститутивна седница се бира претседател. На вчерашната втора седница на дневен ред имаше 24 точки, но не и избор на претседател. Седницата ја водеше најстарата советничка Виолета Велковска од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

    Од Општина Центар не прецизираат кога ќе се изборе претседател на Советот и зошто тоа досега не е направено. Кусо ни одговорија дека на вчерашната седница нема да има таква точка на дневен ред.

    Во Советот на Центар ниту една политичпка партија нема мнозинство и токму поради тоа не може да се постигне договор. Досега не е најавено ниту коалицирање. Најмногу советници, 9, има СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има 8 и по три независната листа на граѓани „Шанса за Центар“ и Левица.

    На вчерашната седница советниците ги изгласаа одлуките за избор на претседател и членови на комисиите за работа на Општината, а беа определени и членовите од Советот за учество при склучување бракови во Матичната служба на Град Скопје. Советниците се изјаснија позитивно за спогодбените преземања на тројца административни службеници и за прераспределбата на средства од буџетот на Општината за 2021 година.

    Советот изгласа и два заклучоци, од кои со едниот заклучок ги задолжи Секторот за инспекциски работи и овластениот градежен инспектор да достават писмен извештај во врска со градежните активности на парцелата на поранешниот трговски центар ТЦЦ „Плаза“. Со другиот заклучок, Советот побара и од Секторот за урбанизам и урбанистичко планирање до почетокот на продолжението на седницата, да ги достават на разгледување сите Елаборати за суспензија на Деталните урбанистички планови и одговорот од Министерството за транспорт и врски по елаборатите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира