Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг на претседателските избори освои само 8.013 гласови. Јакимовски освои помалку гласови од бројот на потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски, кој тера трета година мандат како градоначалник на Карпош, во неговата општина освои само 2.143 гласови. На локалните избори во 2021, Јакимовски освои 14.838 гласови и во вториот круг го победи кандидатот на СДСМ Душко Весковски кој имаше 13.397 гласови.
Во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Откако дојде на градоначалничката функција во Општина Карпош, Стевчо Јакимовски на големо ги тера постапките за носење нови Детални урбанистички планови (ДУП) за населбата Влае и за просторот кај „Алумина“. Со овие планови се предвидуваат нови висококатници, поради што граѓаните и граѓанските здруженија организираа протести и засега плановите не се донесени.
И покрај тоа што граѓаните велат дека немаат никакви услови за живот, Јакимовски велеше дека идните згради во „Алумина“, меѓу кои и две 35-катници, се „убави и современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград“. За зградите рече дека се „убавина што ќе го направи Карпош водечка општина во државата“.
Јакимовски дозволи да се гради и 17-катница во болничкиот комплекс кај Воена болница. Иако Конзерваторскиот центар ја поништи дозволата, Јакимовски не ја стопира градбата и таа и понатаму се гради во заштитено подрачје, каде не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери во итни медицински случаи. Јакимовски смета дека нема ништо спорно што на овој простор ќе се изградат 419 станови плус два спрата дуќани, што подразбира и околу 2.000 нови жители, но и повеќе од 1.000 нови возила, не само од жителите.
Американскиот Стејт департмент на 18 март го стави на црна листа Јакимовски бидејќи со неговите дејствија како градоначалник го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. Според Стејт департментот, Јакимовски „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.
А. АНТЕВСКА