СТУДЕНЧИШКИОТ КАНАЛ КАЈ ОХРИД ЌЕ СТАНЕ БАРА АКО ТУКА СЕ ИЗГРАДИ МАРИНА, ПРЕДУПРЕДУВААТ ЕКСПЕРТИ

    СТУДЕНЧИШКИОТ КАНАЛ КАЈ ОХРИД ЌЕ СТАНЕ БАРА АКО ТУКА СЕ ИЗГРАДИ МАРИНА, ПРЕДУПРЕДУВААТ ЕКСПЕРТИСтуденчишкиот канал кај Охрид ќе се претвори во бара ако во него се изгради марина за вкотвување глисери и јахти, бидејќи нема доволен доток на вода, вели проф. д-р Трајче Талески, биолог и раководител на одделение во охридскиот Хидробиолошки завод. (Фото: СДК.МК)

    Студенчишкиот канал кај Охрид ќе се претвори во бара ако во него се изгради марина за вкотвување глисери и јахти, бидејќи нема доволен доток на вода, предупредуваат охридски експерти.

    „Според светски стандарди, за марината да биде живо водено тело потребно е да има доток на вода од најмалку една измена дневно. За да биде задоволена таа потреба на Суденчишкиот канал, кој има должина од околу шестотини метри, просечна ширина од околу десет метри и просечна длабочина од околу два метри, и сега ваков како што е има околу дванаесет милиони литри. За една промена на вода во каналот ваков каков што е, со овие димензии не надограден и проширен, се потребни околу сто четириесет литри во секунда. Каде ќе ја најдиме таа вода? Ќе ја пумпаме од Езеро? Вака замислена марина за брзо ќе го убие каналот кој е прокопан пред деведесетина години за други потреби, а за брзо време и самата марина ќе се самоубие претварајќи се самата во неатрактивен простор, со стоечка вода. Овој проблем на Охрид заслужува многу посериозен пристап од овој што во моментов го има“, изјави проф. д-р Трајче Талески, биолог и раководител на одделение во Хидробиолошкиот завод во Охрид.

    Тој вели дека прифатлива локација за марина има на делот од брегот во правец кон Струга, кај месноста Далјан. Тука е Коселска Река до која може да се ископа канал и од неа да се добива вода. Во близина е и патот, а има и бензинска пумпа.

    „Марина не значи само простор за врзување јахти или глисери. Тука треба да има простор за шлеперите, или големите приколки кои ги носат пловилата, можност за полнење гориво, кафулиња, постоење на јахтинг клуб, чуварска служба. Има некои пресметки дека ширината на каналот за прифат на големи пловила треба да биде четири пати поголема од најголемата ширина на некоја јахта, или друг поголем пловен објект“, појаснува д-р Талески.

    Во Охрид деновиве се одржа трибина околу заштитата на Студенчишкото Блато, при што беше спомената и потребата од изградба на марина. Со децении немањето марина е акутен проблем на градот, а многу гарнитури на локалната власт не успеаја да го решат овој проблем.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира