Одлуката на Советот на Општина Тетово со која студентите ќе плаќаат поскап автобуски билет од вработените во локалнта самоуправа, силно ги вознемири студентите. Според ценовникот за висината на цените за јавниот превоз донесен на последната седница на Советот на Општина Тетово, за месечен билет тие ќе треба да плаќаат 600 денари додека месечниот билет за вработените во општинската администрација изнесува 450 денари. Ваквата одлука ги натера студентите да побараат средба со градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи. На средбата тие уште еднаш побараа од општинските власти да размислат за оваа одлука и да им овозможат на студентите и учениците да го користат градскиот превоз по пониски цени.
„На средбата со градоначалничката Арифи побаравме пониски цени за јавниот превоз за студентите и учениците. Градоначалничката даде збор дека на наредната седница на Советот, која ќе се одржи во почетокот на февруари, Управниот одбор на ЈП ‘Тетово транспорт‘ ќе се даде предлог студентите и учениците да бидат ставени во посебна категорија со цел да добијат и пониска цена на превозот. Мислам дека за овој проблем ќе се најде решение“, изјави Агрон Демири од Студентскиот парламент при Универзитетот на Југоисточна Европа.
Од Општина Тетово пројавуваат добра војла ова барање на студентите поволно да се реши но, за тоа ќе мора да се одлучува Советот на Општина Тетово на една од наредните седници.
„На средбата со претседателот на парламентот и Студентското здружение при УЈИЕ, зборувавме за повеќе предизвици и проблеми на студентите со посебен акцент на регулирање на ценовникот за организиран превоз во градот Тетово, каде студентите на додипломски студии се категоризираат во посебна такса. Заедно се согласивме за поинклузивен пристап со цел да ги вклучиме студентите во оваа категорија плаќање билети за градски превоз, како и сите студенти без оглед на циклусот на студии што ги посетуваат. Транспортното претпријатие Тетово ќе подготви предлог-промена на постојниот ценовник со цел тој да биде одобрен од Советот на Општина Тетово“, објави на својот официјален фејсбук профил градоначалничката Теута Арифи.
Иако минатиот месец конечно стигнаа 5 автобуси со кои се предвидува да се одвива јавниот тренспорт во градот, тие сѐ уште не се ставени во употреба бидејќи во тек се техничко-административни процедури без кои ЈП „Тетово транспорт“ не може да функционира како правен субјект.
З. АНДОНОВ