Основното јавно обвинителство од Тетово го доби преводот од германски јазик на извештајот од истрагата за пожарот во тетовската модуларен ковид-центар лани на 8 септември при што загинаа 14 луѓе, потврди Јавното обвинителството. Извештајот беше изготвен од истражителите од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, кои неколку дена вршеа дополнителен увид во опожарената болница заради откривање на причините за избивањето на пожарот.
Со предавањето на извештајот, започнаа да го разгледуваат петте обвинители кои работат на предметот отворен поради пожарот и треба да утврдат дали и што ќе се преземе за понатамошна постапка.
„Извештајот од германските експерти е преведен и доставен до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово. Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот. Во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно, со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување во предметот“, соопшти Службата за односи со јавноста при Јавното обвинителството.
Како помош во утврдувањето на причините за пожарот беа повикани да учествуваат и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Нивниот извештај, напишан на 7 страници, на 14 јануари беше доставен до ОЈО Тетово но, бидејќи беше напишан на германски јазик, досега се чекаше на неговиот превод.
Според извршеното вештачење од МВР, Обвинителството лани во октомври објави дека пожарот во модуларната болница настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Засега, од тетовското обвинителство не откриваат што пишува за причините за пожарот што ги утврдиле дошле германските истражители.
З. АНДОНОВ