ТРИЕСЕТ ЗАТВОРЕНИЦИ ВО СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ЗА МАЈСТОРИ ЗА БЕТОНСКИ ЕЛЕМЕНТИ И ЌЕ ЧЕКААТ УСЛОВНО ОТПУШТАЊЕ

    ТРИЕСЕТ ЗАТВОРЕНИЦИ ВО СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ЗА МАЈСТОРИ ЗА БЕТОНСКИ ЕЛЕМЕНТИ И ЌЕ ЧЕКААТ УСЛОВНО ОТПУШТАЊЕЗатворениците во Струмица ќе учат изработка на елементи од бетон и ќе добијат сертификати за стекнати знаења, по што осудените лица кои ја поминале обуката и ја имаат одлежено казната затвор најмалку половина од времетраењето ќе можат да се надеваат на условно отпуштање од затворот. (Фото: СДК.МК)

    Триесетина осудени лица од струмичкиот затвор ќе бидат опфатени со Законот за пробација за стекнување вештини и занаети за да можат казната затвор да ја заменат со условен отпуст, а притоа директно да се вклучат на пазарот на трудот. Затворениците во Струмица ќе учат изработка на елементи од бетон и ќе добијат сертификати за стекнати знаења, по што осудените лица кои ја поминале обуката и ја имаат одлежено казната затвор најмалку половина од времетраењето ќе можат да се надеваат на условно отпуштање од затворот.

    На иницијатива на здружението „Зелена лупа“, а со поддршка на швајцарската организација Цивика мобилитас во Струмица се формираше локално координативно тело во кое ќе членуваат преставници од судот, Јавното обвинителство, МВР, Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување и од струмичкиот затвор, кое ќе ги следи мерките на практичната примена на Законот.

    „Станува збор за 30-тина осудени лица кои ќе стекнуваат вештини на изработка на бекатон плочки, рабници односно елементи од бетон. Се планираат три обуки од по 10 затвореници. По секоја обука тие ќе добијат сертификати за стекнати знаења и на крај со бизнис заедницата ќе им бидат обезбедни работни места, а во соработка со судот и обвинителството за одредени лица за кои ќе се обезбедат сигурни работни места и да излезат порано од затвор, односно да се случи промена на затворската казна која е при крај со замена на условен отпуст’’,  кажа Ване Цветанов од здружението „Зелена лупа“.

    Законот за пробација предвидува можности сторителите на полесни кривични дела и лица кои одлежеле половина од казната и сакаат да се ресоцијализираат, преку вештини и знаења директно да се вклучат во заедницата, заради што мора во државата да се отворат пробациски канцеларии.

    Овој закон беше донесен во 2016, а почна да функционира од лани и има за цел рестриктивна примена на казната затвор оставајќи ги осудените лица на слобода и зголемувајќи ја нивната лична одговорност за добро поведение кон општествената заедница.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари