ТРОТОАРИТЕ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО ДЕБАР МААЛО ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ОД КОЛИ НАЕСЕН

    ТРОТОАРИТЕ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО ДЕБАР МААЛО ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ОД КОЛИ НАЕСЕНУлицата Орце Николов сега од сите страни е блокирана со возила. Не тротоарите на бележани паркинг места од ЈП Градски паркинг“ се испаркираните коли и нема место за пешаци, велосипеди. (Фото: СДК.МК)

    Улицата Орце Николов во Општина Центар и летово ќе биде блокирана со паркирани возила на сите страни. Проектот за ослободување на пешачките патеки кој на 7 февруари го најавија градоначалниците на Општина Центар и Град Скопје Саша Богдановиќ и Петре Шилегов ќе почне да се реализира наесен.

    Градоначалникот Богдановиќ вели дека проектот не е заборавен туку во тек се постапките за добивање на потребните дозволи пред да се распише тендерот за избор на изведувач.

    „Се работи на овој проект. Потребно е да се добијат одредени дозволи од Град Скопје и од Министерството за одбрана оти на просторот зад општинските бараки ќе се гради монтажен паркинг. Очекуваме до јули да ги завршиме овие административни работи и во август да објавиме тендер за изведувач“, вели Богдановиќ.

    Според проектот, се предвидува наместо на тротоарите колите да се паркираат паралелно од двете страни на улицата, на потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до улицата Рузвелтова. На крстосницата со улицата Аминта Трети (Ленинова) ќе се изведе кружен тек. Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.

    Според сегашното решение на улицата има 180 паркинг места, а со новото ќе се намалат на 80. За да има паркинг место за граѓаните од околните згради ќе се гради монтажен паркинг со 200 места.

    Улицата Орце Николов  сега од сите страни е блокирана со возила. Не тротоарите на бележани паркинг места од ЈП Градски паркинг“ се испаркираните коли и нема место за пешаци, велосипеди. Граѓаните мораат да се движат по сообраќајницата. Дополнително, коли се паркираат кој како стигне и долж улицата.

    Под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, жителите на Дебар Маало неколку пати протестираа со барање Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците, а особено децата, од опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира