УЧИЛИШТЕТО ВО ВЕВЧАНИ БАРА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО  ИЛИ УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ БОЈКОТИРААТ

    УЧИЛИШТЕТО ВО ВЕВЧАНИ БАРА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО  ИЛИ УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ БОЈКОТИРААТКомисијата за заразни болести која не им дозволи настава со физичко присуство на учениците од четврто до деветто одделение во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани, иако во него учат 192 основци, има 1.400 метри квадратни корисна површина и три влеза. (Фото: СДК.МК)

    Општина Вевчани  вели дека е изненадена од одлуката на Комисијата за заразни болести која не им дозволи настава со физичко присуство на учениците од четврто до деветто одделение во основното училиште „Страшо Пинџур“ и покрај условите со кои располага училишната зграда. Училиштето, во кое учат 192 основци, има 1.400 метри квадратни корисна површина и три влеза.

    „Одлуката на Комисијата за заразни болести да не ни даде дозвола за физичко присуство на учениците во реализирањето на наставата и покрај сите протоколи кои ги спроведовме, условите со кои располагаме и сè што обезбедивме за безбедна настава, нè изненади и е спротивна на нашите очекувања учениците да бидат присутни во училиштето, бидеј’и тоа е најдобриот начин за едукација на учениците, вели директорот на училиштето Жарко Лешоски.

    Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски вели дека анкетата која ја спроведе училиштето ја отсликува желбата на родителите нивните деца да посетуваат настава со физичко присуство.

    „Дури 98отсто од анкетираните се изјаснија за физичко присуство на децата. Советот на Општината врз основа на тоа донесе одлука и ние тоа го доставивме меѓу првите, но Комисијата за заразни болести не ни даде дозвола. Има жестоки реакции од населението“, вели Јанкоски.

    Од Советот на родители велат дека се разочарани и револтирани. Очекуваат дека Комисијата ќе се премисли и ќе им дозволи на децата да седнат во училишните клупи, во спротивно, велат, спремни сме да излеземе на протест.

    „Иако бевме меѓу првите кои доставивме барање не добивме дозвола. Спроведовме уште една анкета за тоа дали децата имаат компјутер за спроведување онлајн настава на која сите потврдија, но има семејства со по две, три деца кои не можат сите во исто време да следат настава. Сакаме ситуацијата да се реши на мирен начин, но не ја исклучуваме можноста за бојкот на наставата, вели Зорица Попоска, претседателка на Советот на родители.

    Од Општина Вевчани предлагаат нивното училиште да биде пилот проект на Министерството за образование и Комисијата за заразни болести за следење на епидемиолошката слика, ако им се дозволи настава со физичко присуство. Ако биде успешен проектот и наставата би се реализирала без проблеми, би се вклучиле и други училишта кои ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира