УСТАВНИОТ СУД УКИНА УШТЕ ДВА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ ВО ОПШТИНА КАРПОШ

    УСТАВНИОТ СУД УКИНА УШТЕ ДВА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ ВО ОПШТИНА КАРПОШЖители на Општина Карпош на 4 мај протестираа пред Уставен суд оти 8 месеци немаше одлука на иницијативата за законитоста на 4 детални урбанистички планови. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд укина уште два детални урбанистички планови (ДУП) во Општина Карпош бидејќи не биле почитувани уставните и законските одредби при нивното донесување. Станува збор за планот градска четврт С3 19, Влае 2 помеѓу булевар Партизански одреди, улица Ацо Шопов, улица Војвода Васил Чакаларов и реката Вардар и планот за градска четврт 3 04, помеѓу булеварите Илинден, 8-ми Септември, реката Вардар и улица Љубљанска, донесени на 12 јули 2016 година.

    „Необјавувањето на одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, со членот 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со член 65 Законот за животната средина“, се вели во одлуките на Уставниот суд за укинување на плановите.

    На 3 јули Уставниот суд го укина и Деталниот урбанистички план (ДУП) за Тафталиџе 1, кој беше донесен на 5 јануари 2016. Уставниот суд оцени дека Општина Карпош не ги почитувала уставните и законските одредби при донесување на спорниот ДУП кој го опфаќа потегот од булеварот Партизански одреди, улица Московска, булевар Македонија и булевар 8 Септември и со кој е предвидува во зеленилото да никнат нови згради.

    Граѓански иницијативи побараа од Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев да го стават нивното барање за носење на одлука за запирање на спроведување на 29 урбанистички планови на точка на дневен ред на следната седница на општинскиот Советот и да ја изгласаат.

    Од Општина Карпош по укинувањето на планот за Тафталиџе 1 рекоа дека ќе пристапат кон изработка на нови детални урбанистички планови кои ќе бидат носени во консултации со стручната јавност и засегнатите граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира