ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА МУ ПЛАТИ 1 ДЕНАР ЗА КЛЕВЕТА И НАВРЕДА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КУМАНОВО ДИМИТРИЕВСКИ, ОДЛУЧИ СУДОТ

    ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА МУ ПЛАТИ 1 ДЕНАР ЗА КЛЕВЕТА И НАВРЕДА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КУМАНОВО ДИМИТРИЕВСКИ, ОДЛУЧИ СУДОТДимитриевски поднесе тужба против партијата и бараше симболичен 1 денар и јавно извинување. (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ треба да му плати надомест на штета од еден денар на градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, за повреда на честа и угледот, одлучи Основниот суд во Куманово. Димитриевски го тужеше ВМРО-ДПМНЕ за клевета и навреда, за инцидент пред 4 години на семејна прослава во еден кумановски ресторан, по што партијата на прес-конференција го обвини градоначалникот дека го предизвикал инцидентот.

    За ваквите обвинувања Димитриевски поднесе тужба и бараше симболичен 1 денар и јавно извинување.

    Во пресудата, која денеска Димитриевски ја објави на Фејсбук, стои дека се утврдува граѓанска одговорност на тужените ВМРО-ДПМНЕ и Д. П. за навреда и клевета спрема тужителот, па се задолжуваат тужените солидарно да му исплатат на име на надомест на штета за повреда на честа и угледот паричен надомест во висина од 1 денар, како и тужените солидарно да ги надоместат на тужителот трошоците на постапката. Истовремено се задолжуваат тужените на свој трошок, пресудата по нејзината правосилност да ја објават на прес-конференција во рок од 15 дена.

    Димитриевски денеска на прес-конференција јавно побара од ВМРО–ДПМНЕ да ја плати оштетата и да се извини.

    „Очекувам да покажете колку ги почитувате судските одлуки и законот, кога некого ќе навредите домашно воспитување е да се извините. Износот е симболичен бидејќи не ми се потребни нивните пари, образот е тоа што е важно. Правдата е бавна, можеби доцни, но секогаш стига“, вели Димитриевски.

    Тој побара извинување од ВМРО–ДПМНЕ и нивниот претседател и за последните обвинувања за нереализирани проекти, а ако тоа не се случи повторно се закани дека ќе тужи.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира