ВО БИТОЛА 33 ЖЕНИ БИЛЕ МАЛТРЕТИРАНИ ФИЗИЧКИ, А ИСТО ТОЛКУ МАЖИ ПСИХИЧКИ

    ВО БИТОЛА 33 ЖЕНИ БИЛЕ МАЛТРЕТИРАНИ ФИЗИЧКИ, А ИСТО ТОЛКУ МАЖИ ПСИХИЧКИВо 2017 биле поднесени 94 кривични пријави за семејно насилство во Битола (Фото: СДК.МК)

    33 жени минатата година пријавиле во полиција дека им биле нанесени телесни повреди, а исто толку мажи се пожалиле дека биле психички малтретирани од жени. Ова се официјални податоци доставени од СВР Битола според кои, во 2017 биле поднесени 94 кривични пријави за семејно насилство во градот. Во 36 од случаите жртвите пријавиле дека им биле нанесени телесни повреди. Од повредените само тројца биле мажи, а 33 жени. Од жените 18 се сопруги, а другите мајки, поранешни сопруги, лица од вонбрачна заедница и други.

    Покрај телесните повреди, имало и 121 поплака, од кои дури 120 за психичко малтретирање, а една за економско малтретирање. 33 мажи пријавиле психичко малтретирање од жени, а скоро тројно повеќе, односно 89 жени се пожалиле за иста тортура што ја трпат од мажи. Психичкото малтретирање било почесто од физичкото, а како сторители се јавуваат дури 98 мажи и 23 жени.

    За семејно насилство битолската полиција минатата година поднела 94 кривични пријави, а во Основниот суд во Битола само 27 предмети биле заведени во записникот на вонпарнични постапки кои се поведуваат по барање на службено лице. Тоа е триесет проценти од поднесените кривични пријави во 2017.

    Според писмениот одговор што го добивме од Основниот суд од Битола, од 27 заведени предмети, 21 бил усвоен, а другите шест одбиени и повлечени. Во судот имало и други судски предмети за семејно насилство за кои се одлучувало во парнична постапка, односно по тужби од жртвите.

    Податоците се добиени во рамки на прокетот „Реалноста на самохраните мајки во Битола“ на Организација на жени, финансиран од ЕУ и Граѓанската асоцијација „Мост“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира