ВО ЕДЕН ДЕН ИЗГОРЕА ДВЕ КУЌИ ВО ТЕТОВСКО ПОРАДИ НЕИСЧИСТЕНИ ОЏАЦИ

    ВО ЕДЕН ДЕН ИЗГОРЕА ДВЕ КУЌИ ВО ТЕТОВСКО ПОРАДИ НЕИСЧИСТЕНИ ОЏАЦИНајголем дел од пожарите во Тетово се поради неисчистени оџаци. (Фото: СДК.МК)

    Во Тетовскиот регион во пожар изгореа два куќи. Едната беше целосно пеплосана, а кај втората изгоре покривот. И во двата случаи немаше жртви ниту повредени, но причинета е голема материјална штета.

    Како што велат од Тетовската противпожарна единица, која интервенираше и во двата случаи, причината за пожарите биле неисчистените оџаци на куќите.

    „Во една ноќ гасневме две опожарени куќи, едната во Тетово, а втората во тетовското село Туденце. При пожарот во Тетово изгоре само покривната конструкција, додека куќата во село Туденце целосно изгоре. За среќа и во двата случаи немаше повредени лица бидејќи успеале на време да се извлечат од запалените објекти. Она што можевме да го констатираме во двата случаи е дека пожарите настанале откако се запалиле оџаците од куќите. Тоа е најчеста причини за пожарите во Тетовскиот регион. Минатата година гасневме околу 95 пожари кои беа последица од неисчистени оџаци. Состојбата ни на почетокот на оваа година не е ништо подобра“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица на Општина Тетово.

    Тетовските пожарникари редовно апелираат до граѓаните да ги чистат оџаците, што всушност е и законска обврска на секое домаќинство кое се затоплува на дрва, но овие препораки наидуваат на слаб одзив.

    „Јас како пожарникар, но и како оџачар, за што имам завршено соодветна обука, работам 15 години и можам да кажам дека само 20 проценти од граѓаните кои се затоплуваат на дрва ги чистат оџаците. Има некои кои по 10 па 15 години не го исчистиле оџакот на нивната куќа или зграда. Малкумина се тие што редовно, секоја година, нé повикуваат нас оџачарите стручно да го исчистиме оџакот. Законот вели дека оџакот треба редовно да се чисти секоја година, но малкумина тоа го почитуваат. Цената на чистењето оџаци е навистина симболична, за куќа која е на два спрата чистењето е 1.200 денари, за куќа на три спратови е 1.500 денари, додека за зградите цената е 3.000 денари. И покрај вака ниските цени повторно луѓето избегнуваат да ги чистат оџаците“, вели Беким Таири, пожарникар и оџачар од Тетово.

    Таири вели дека некои луѓе се обидуваат самите да ги чистат, но тоа ни од далеку не е доволно бидејќи за оваа работа е потребна специјална опрема и се разбира и знаење како да се заврши таа работа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира