Со развиорени знамиња со ѕвездата од Вергина, пеејќи „нека разберат клетите фашисти македонско име нема да загине,“ стотици битолчани денес излегоа на протести пред Полициската станица барајќи слобода за пејачот Ламбе Алабаковски, кој вчера беше притворен на 8 дена, а и самиот призна дека го потпали бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола при што изгоре влезната врата.
Присутните скандираа „Никогаш Северна, само Македонија“, „Уа, предавници“, носеа транспаренти со испишани имиња на македонските партизани, стихови од песната „Црвена“ на Коста Абрашевиќ, а некои ги искинаа сликите на премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и поранешниот бугарски премиер Георги Димитров кој на времето го одобри пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Македонија.
„Да го ослободат Ламбе зашто имал мотив и бил изреволтиран, дедо му бил убиен од фашистите. Да го ослободат како што не одговорале Бугарите што ги крешеле македонските клубови во Благоевград“, рече Кире Скубевски од Битола.
На протестот имаше и претставници од дијаспората.
„Македонската дијспороа е разочарана што се гонат патриотите, а фашистите доаѓаат во Битола и око не им трепнува. Бараме слобода за Ламбе, тоа го направи со почит и патриотизам. Сите финансиски средства ако го судат ќе ги подмириме ние од дијаспората“, рече Стефан Ѓоргиевски.
Протестот го организираше Левица, а советникот од оваа партија Горан Велевски рече дека во градот на народниот херој Стив Наумов нема место за Ванчо Михајлов.
„Денес бугарската влада дава пари и купува ветер зашто народот со пари не се купува. Во градот на Стив Наумов, Ѓорги Наумов, на Таки Даскало, Елпида Караманди, Тодор Ангелевски, народни херои кои ги положиле животите во борбата со фашистичкиот бугарски окупатор, денес гледаме како актуелната власт дозволува да биде отворен клуб кој носи име на прокламиран фашист. Не убедуваат дека треба да молчиме, да не паѓаме на провокации. Молчевме кога ни го менуваа името, кога поранешниот премиер на бугарска телевизија гио релативизираше АСНОМ и НОБ, да молчиме кога ги распродаваа националните интереси и денес да молчиме, до кога ќе молчиме?“, рекоа од Левица на протестот.
Бугарскиот клуб беше потпален во саботата изутрина пред доаѓањето на бугарската министерка за надворешни работи Генчевска на дводневна средба со министерот Бујар Османи. По два дена, полицијата го упаси Алабаковски кој призна дека го потпали клубот и изречена му е мерка притвор од осум дена.
Ж. ЗДРАВКОВСКА