Зголем е бројот на заразени со британскиот сој на вирусот во Кавадарци, Прилеп и Охрид. Како што кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче, од 20 отсто бројот на случаи со британскиот сој последниве неколку дена е зголемена на 50 отсто од вкупниот број случаи.
„Во Охрид и Прилеп имаме лесно зголемување, додека во болницата во Кавадарци е нешто позначајно, состојбата е како во месец ноември. На ниво на држава, имаме благо зголемување. Ставот и мислењето е дека засега не се потребни дополнителни рестриктивни мерки. Во Кавадарци новите случаи се поврзуваат со некои настани и собири, каде превентивните мерки не се почитувале“, додаде Филипче.
Вчера Прилеп и Кавадарци беа на врвoт на листата на нови случаи на ковид-19 веднаш по Скопје. Во Прилеп беа регистрирани 62, а во Кавадарци 32 случаи.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче најави дека здравствените работници наскоро ќе можат да користат слободни денови и одмор, што досега не можеа. Кажа дека до претпладнево биле вакцинирани 760 здравствени работници и кај ниту еден не се јавила реакција.
П. ПЕЧКОВ