ВО СТАН НА ВЕЛЕШАНЕЦ ПРОНАЈДЕН КИЛОГРАМ КОКАИН, УАПСЕНИ ТРИ ЛИЦА

    ВО СТАН НА ВЕЛЕШАНЕЦ ПРОНАЈДЕН КИЛОГРАМ КОКАИН, УАПСЕНИ ТРИ ЛИЦАЗа трите уапсени лица се бара мерка притвор. (Фото: МВР)

    Вчера попладне, Одделот за недозволена трговија со дрога на велешката полиција извел претрес во дом на велешанец поради сомневање за вклученост во трговија со дрога. При претресот бил пронајден килограм кокаин.

    „На 29.11.2024 во 18:45 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес ги лишиле од слобода Д. С. (43 години) и 33-годишната Р. С., двајцата од Велес. При претрес во домот на С. Т. (49) од Велес, извршен од полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и Отсекот за општ криминалитет при СВР Велес, по претходно издадена наредба од Основен суд Велес, во присуство и на адвокат, каде што биле затекнати и Д. С. и Р. С., биле пронајдени и одземени еден килограм кокаин, бела тврда материја, течност со остатоци од бела прашкаста материја, гасен пиштол, вага, прибор за приготвување наркотични дроги и други предмети“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

    Извршено било вештачење во Одделот за форензички испитувања и против С. Т., Д. С. и Р. С. е поднесена кривична пријава за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

    Вредноста на килограм кокаин на пазарот се проценува на најмалку 100.000 евра, а пакување од еден грам е сто евра.

    Тројцата попладнево биле изведени пред судија за претходна постапка од Основен суд Велес, кој треба да одлучува по барањето на обвинител на ОЈО Велес за изрекување мерка притвор за осомничените.

    Оваа акција доаѓа ден по смртта на 43-годишен велешанец и на друг велешанец пред неколку дена, за кои постои сомневање дека починале од предозираност.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира