ВО ТЕТОВСКО-ГОСТИВАРСКИОТ РЕГИОН ОД УТРЕ ДНЕВНО ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО 1.500 ЛИЦА

    ВО ТЕТОВСКО-ГОСТИВАРСКИОТ РЕГИОН ОД УТРЕ ДНЕВНО ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО 1.500 ЛИЦАВо спортската сала „Никола Штајн“ денес имаше генерална проба како ќе се одвива вакцинирањето. (Фото: СДК.МК)

    Од утре започнува масовната вакцинација против ковид-19 во  Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. За Тетовско-гостиварскиот Регион денес се изврши симулација како ќе се одвива текот на вакцинирањето. Регионалниот вакцинален пункт се наоѓа во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово, која деновиве е преадаптирана за оваа намена.

    Масовната имунизација почнува со кинеските вакцини на „Синофарм“ кои стигнаа на 30 април,  вкупно 200 илјади дози, а за месецов најавени се уште 100.000 дози од оваа вакцина,  500 илјади на „Синовак“ и 26 илјади на „Фајзер“.

    „Процесот на подготовката на овој пунк е завршен, а денес ја вршиме главната проба како тој ќе функционира. Пунктот ќе работи во две смени, од 8 до 20 часот, а обезбедени се 20 кабини каде ќе се одвива вакцинацијата. Од Тетово досега за вакцинирање се пријавени 11.000 лица, но со отворањето на овој пункт овој број сигурно повеќекратно ќе се зголеми. Вакцинирањето ќе се врши со кинеските вакцини на ‘Синофарм’, а вакцините ќе пристигнуваат етапно, на секои два до три дена. Првата пратка од 4.200 вакцини само за овој пункт веќе е пристигната“, рече Боривое Јоргачевски, директор на Здравствениот дом во Тетово.

    Во процесот на вакцинирањето ќе бидат вклучени 40 медицински работници кои ќе работат во две смени, има и дополнителни медицински сестри за водење на администрацијата, а на располагање се ставени и 10 лекари со кои граѓаните ќе можат да се консултираат пред да ја примат вакцината.

    За вакцините кои овде ќе се користат има обезбедено соодветни ладилници кои се унифицирани според Министерството за здравство за овој вид вакцина.

    Во првите два до три дена ќе се вакцинираат по 1.000 лица дневно, за во наредниот период тој број да се зголеми до 1.500 колку што е капацитетот на овој вакцинален пункт.

    Во отворањето на овој пункт  учествуваше и Општина Тетово која ја даде техничката подршка и го обезбеди просторот каде ќе се одвива вакцинацијата, а во организацијата на процесот на вакцинирање поддршка ќе даде и полицијата и војската.

    „Обврска на Општина Тетово беше да обезбеди техничка помош и опремување на оваа спортска сала како и техничко следење и организирање на регистрацијата. Апелирам до сите граѓани не само да се вакцинираат, туку и откако ќе го добијат терминот за вакцина истиот да го почитуваат за да може целиот процес да биде ефикасен и брз“, апелира градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

    Со почетокот на работа на овој вакцинален пункт, прекинува  вакцинирањето во пунктот во Здравствениот дом во Тетово, каде досега се вакцинирани околу 1.600 лица.

    Во земјава досега се вакцинирани 61.603 граѓани, а пријавени се 218.577 граѓани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира