„ВРАТЕТЕ НИ ГИ ТРОТОАРИТЕ“, БАРААТ ДЕБАРМААЛЦИ ОД ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ЦЕНТАР И СКОПЈЕ НА ПРОТЕСТ ЗА БЕЗБЕДНИ УЛИЦИ И ПРОТИВ ГРАДЕЖНИОТ ХАОС

„ВРАТЕТЕ НИ ГИ ТРОТОАРИТЕ“, БАРААТ ДЕБАРМААЛЦИ ОД ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ЦЕНТАР И СКОПЈЕ НА ПРОТЕСТ ЗА БЕЗБЕДНИ УЛИЦИ И ПРОТИВ ГРАДЕЖНИОТ ХАОСОд граѓанската иницијатива бараат неселективно почитување на законите, нов режим кој ќе го намали сообраќајниот метеж, како и изработка на стручни студии за загадувањето, сообраќајните решенија, густината на населеност и инфраструктурата, а во меѓувреме да не се издаваат дозволи за нови градби. - Фото: СДК.МК)

Под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, жителите на скопско Дебар Маало вечерва протестираа со барање Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците, а особено децата, од опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење.

Протестот се одржа близу ОУ „Коле Неделковски“, каде минатата недела загина скопјанка која одеше по коловозот оти тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур на стока се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден.

„Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекшија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните“, вели организаторот на протестот, граѓанската иницијатива Во одбрана на Дебар Маало и истакнува дека „повеќе од 2 години предупредува на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски, како и од градските и општинските советници и стручни служби, Паркинзи и МВР-Сообраќајна полиција да ги спроведуваат законите и да работат за заштита на јавниот интерес“.

Протестот се одржа близу ОУ „Коле Неделковски“, каде минатата недела загина скопјанка оти тротоарите се постојано зафатена, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што дотур на стока се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден.- (Фото: СДК.МК)

За да се избегне понатамошно влошување на квалитетот на животот во Дебар Маало, од граѓанската иницијатива бараат неселективно почитување на законите, нов режим кој ќе го намали сообраќајниот метеж, како и изработка на стручни студии за загадувањето, сообраќајните решенија, густината на населеност и инфраструктурата. Тие инсистираат тоа да се стори што побрзо, а во меѓувреме да не се издаваат дозволи за нови градби.

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари