ЗА 11 ОТСТО НАМАЛЕНИ ПРИХОДИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ ПОРАДИ КОВИД-19, СО КРЕДИТ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ГРАДАТ УЛИЦИ И ПАРКОВИ

    ЗА 11 ОТСТО НАМАЛЕНИ ПРИХОДИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ ПОРАДИ КОВИД-19, СО КРЕДИТ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ГРАДАТ УЛИЦИ И ПАРКОВИВо првите три месеци од оваа година вкупните приходи и други приливи во буџетот на Градот се во износ од милијарда денари, што претставува остварување од 13 отсто во однос на планираното за целата 2020 година и е за 11,8 отсто помалку од истиот период лани.(Фото: К.Попов)

    За 11,8 проценти се намалени приходите во буџетот на Град Скопје поради коронакризата. Во првите три месеци од оваа година вкупните приходи и други приливи во буџетот на Градот се во износ од милијарда денари, што претставува остварување од 13 отсто во однос на планираното за целата 2020 година и помалку за разлика од истиот период лани.

    Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првиот квартал од 2020 година, се 1.2 милијардa  денари, што претставува извршување од 16 отсто во однос на планираните расходи и одливи за 2020 година.

    „За подмирување на реализираните расходи во периодот, Град Скопје искористи дел од вишокот на приходи од минататa година во износ од 321.769.620 денари“, велат од Град Скопје.

    На денешната седница на Советот на Град Скопје беше изгласана одлуката за кредитно задолжување во висина од 12 милиони евра. Со овие пари требаше да се гради луна паркот, но сега ќе се користат за изградба и реконструкција на улици. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека на овој начин градежните фирмите во време на кризата ќе имаат што да работат, а граѓаните кои работат во стопанството ќе ги задржат своите работни места.

    „И покрај кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 и намалениот прилив на средства и ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат. Ќе продолжат да се прават големите паркови што ги почнавме, мостовите и реновирањето на јавниот превоз. Ќе продолжиме да ги даваме истите социјални услуги и ќе ги адаптираме културните содржини на околностите додека не ги отвориме повторно. Фокусирани сме на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како луна паркот“, вели Шилегов.

    Според планот летово ќе се реконструираат булеварот Александар Македонски на влезот во Скопје, улицата Теодосиј Гологанов кај Клуб на пратеници, Пластичарска од американска амбасада до Момин Поток, а ќе почне и проширувањето на Македонско-косовска бригада со која треба да се спојат тунелите под Кале. Нов асфалт ќе добијат и булеварите Киро Глигоров, Видое Смилевски-Бато и 8 Септември, како и улиците 11 Октомври, Востаничка, Васил Ѓоргов, Никола Парапунов и Џон Кенеди. Ќе продолжи реконструкцијата на улиците Лазар Личеновски и Благоја Стефковски, кои почнаа да се работат лани, а ќе се пробива и улицата Есенинова од „Тутунски комбинат“ кон населбата Аеродром.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира