ЗАБОРАВЕНОТО СИДРО ОД БРОДОТ СКОПЈЕ, ЌЕ СТАНЕ ДЕЛ ОД ТУРИСТИЧКАТА ПОНУДА НА ГРАДОТ

    ЗАБОРАВЕНОТО СИДРО ОД БРОДОТ СКОПЈЕ, ЌЕ СТАНЕ ДЕЛ ОД ТУРИСТИЧКАТА ПОНУДА НА ГРАДОТСидрото од бродот Скопје, кое лежи рѓосано на кејот на Вардар, ќе биде реставрирано и изложено на посоодветно место каде што туристите ќе можат да прочитаат за неговата интересна историја. (Фото: К.Попов)

    Сидрото од бродот Скопје, кое сега рѓосано и заборавено стои под Камениот мост, ќе стане дел од туристичката понуда на градот. Ова се предвидува со програмата за туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите во град Скопје за 2019 година.

    Бродот Скопје бил изграден во 1948 година во Риека, бил од класа на полутоварни бродови со носивост од 10.000 тони и со години пловел по сите светски мориња. Кога бил целосно амортизиран се вратил во Риека на сечење и топење, а сидрото во знак на спомен било испратено во Скопје.

    Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, вели дека токму преку ваквите мали приказни сакаат да дадат една нова димензија на туристичката понуда на градот, која сега главно е сведена на градбите и спомениците од проектот „Скопје 2014“.

    „Туристичката понуда ја сочинуваат и малите приказни. Раскажувањето такви приказни е нешто што градови во целиот свет го користат за да се доближат до туристите и да се поврзат со нив. Па така, решивме и ние да искористиме нешто комплетно заборавено и игнорирано долги години како една мала приказна која ќе потсетува на големината на нашиот град и неговата важност во минатото. Сидрото од бродот Скопје, кое лежи рѓосано на кејот на Вардар, ќе биде реставрирано и изложено на посоодветно место каде што туристите ќе можат да прочитаат за неговата интересна историја“, вели Марко Тодоров.

    Тврдината Кале, локалитетот Скупи, аквадуктот кои сега исто така се подзаборавени, Градот ќе ги вклучувува во туристичката понуда, заедно со кањонот Матка.

    „Имаме и подзаборавени локалитети како Кале, аквадуктот.  Не познавам град во Европа кој има таква тврдина во центарот, а не ја нуди на туристите како атракција. Во тој поглед, планираме сериозни промени и подобрувања“, вели Марко Тодоров раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје. .

    „Туристичката понуда на еден град е комплексна работа. Таа се состои од повеќе сегменти, кои доколку се поврзат како што треба резултатите можат да бидат спектакуларни. Во наредниве години очекуваме сериозно зголемување на бројот на туристи, па затоа секако планираме уште посериозно да поработиме на подобрување на понудата.  Скопје има што да понуди. Ја имаме Чаршијата, преубави религиозни објекти од различни периоди во историјата, музеи, манифестации, наследството на Мајка Тереза. Меѓутоа имаме и подзаборавени локалитети како Кале, аквадуктот, Скупи. Тука мора нешто да се направи. Не познавам град во Европа кој има таква тврдина во центарот, а не ја нуди на туристите како атракција. Во тој поглед, планираме  сериозни промени и подобрувања“, вели Тодоров.

    Неколкуте градски манифестации, како што се пивскиот и винскиот фестивал, се планира да прераснат во сериозни регионални настани кои ќе привлекуваат туристи. А во план е и новогодишната населба Винтерленд, од година во година повеќе да се развива.

    „Активниот туризам е еден најголемите трендови во светот. За таа цел, во програмата предвидуваме изработка на студија за туристичко рекреативен центар Водно. Екстремниот планински велосипедизам е релативно нова дисциплина која зазема се поголем замав и кај нас особено по изградбата на жичницата на Водно. За жал, велосипедистите и планинарите се приморани да ги користат истите патеки, што е многу опасно. За таа цел, во новата студија предвидуваме одвоени и побезбедни патеки за сите категории, регулирано движење, содржини за рекреација“, вели Тодоров.

    Потенцијал за привлекување на туристи со висока куповна моќ, Град Скопје гледа во конгресниот туризам, односно организацијата на семинари, конгреси, форуми, сегмент кој како што велат е комплетно потценет и неразвиен. Се планира отворање на Биро за конгресен туризам на Град Скопје и модерен конгресен центар.

    Со оглед на тоа дека сега голем број од туристичките работници не плаќаат туристичка такса и нема податоци за реалниот број на гости кои го посетиле Скопје, ќе се прави софтверското решение кое ќе ја поедностави достапноста за бројот на реализирани ноќевања. Со тоа вели Тодоров податоците ќе бидат од корист за неколку државни институции и чинителите на туристичката понуда, а Град Скопје  ќе има точни податоци за влијанието кое ќе го имаат културните и забавните настани кон зголемувањето на бројот на туристите. На овој начин ќе се зголеми и контролата на наплата на туристичката такса.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира