ХОЛАНЃАНИТЕ ГИ ОТКАЖУВААТ АРАНЖМАНИТЕ ЗА ОХРИД ПОРАДИ ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ КАРАНТИН ШТО ГО ВОВЕДЕ ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ЗА ДОАЃАЊА ОД МАКЕДОНИЈА

    ХОЛАНЃАНИТЕ ГИ ОТКАЖУВААТ АРАНЖМАНИТЕ ЗА ОХРИД ПОРАДИ ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ КАРАНТИН ШТО ГО ВОВЕДЕ ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ЗА ДОАЃАЊА ОД МАКЕДОНИЈАОд вкупно 160 Холанѓани кои се очекуваа да дојдат в понеделник со чартерот во Охрид, 80 го откажале летот. (Фото: Архивска фотографија)

    Околу триста холандски туристи кои моментално летуваат на охридско-струшката ривиера, при враќање во својата земја одат во задолжителен карантин од 10 дена, по најновата одлука на Холандија за патниците од Македонија кои при влез ќе треба да го почитуваат правилото за задолжителниот карантин од десет дена заради заштита од ковид-19. Ваквата мерка која од денеска ја воведува Холандија го преполови со патници и чартер летот кој требаше да пристигне в понеделник на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Од вкупно 160 Холанѓани кои се очекуваа, 80 го откажале летот.

    Туристичките работници стравуваат дека следните најавени летови нема воопшто да полетаат.

    „Ваквата мерка катастрофално влијаеше на холандските туристи. Веќе се намалува бројот на очекуваните гости. Значителен е бројот на оние кои го откажуваат летот. Очекуваме следните денови тој број да расте, што значи дека ќе прекинат и летовите кон Охрид“, вели Челик Асим, менаџер на туристичката агенција „КТМ војаж“, официјален преставник на „ТУИ“ во Македонија.

    Холандија вчера објави дека од денеска ќе ја стави Македонија на листата земји каде што постои многу висок ризик од зараза со коронавирус. Од 6 септември, правилата за влез во Холандија дополнително ќе се заострат. Покрај вакцина и карантин, од патниците ќе се бара и негативен ПЦР тест не постар од 48 часа, односно негативен антиген тест не постар од 24 часа. Властите потенцираат дека потврда за вакцинирање или за прележан ковид-19 веќе нема да биде доволна сама по себе. Покрај Македонија, како земји од многу висок ризик се означени и Косово, Израел, САД и Црна Гора.

    Холанѓаните кои летуваат на охридската ривиера, без оглед дaли се вакцинирани, пред заминување треба да се тестираат и кога ќе се вратат во Холандија подложни се на 10-дневен карантин. Петтиот ден од карантинот можат да прават тест и ако се негативни карантинот им се укинува. Ако одбијат мора да останат во карантин 10 дена.

    Од почетокот на сезоната во Охрид пристигнале околу 2.300 холански туристи. Според туристичките работници, револт кај нив предизвикале и мерките да се влегува само со вакцинални сертификати во угостителските објекти. Повеќето од нив не знаеле за ваквите правила кога тргнале од Холандија оти не им било кажано од туроператорите.

    „Шокирани беа, не знаеа како да се однесуваат, сè е катастрофа. Туристот доаѓа, го пуштаат на грaница, а потоа не го пуштаат во угостителски објект“, вели Асим.

    После подолг период поради епидемијата на коронавирусот, летово повторно се воспоставија редовните сезонски линии од Холандија до Охрид. Предвидено беше оваа сезона туроператорот „ТУИ“ до Охрид да оперира со две авионски линии седмично и да донесе над 3.200 холандски туристи.

    До вчера, во земјава се активни 14.998 ковид болни, од кои во Охрид 510, а Струга 582. Вчера во Охрид имаше 24 нови позитивни, а во Струга 18.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира