КРАЛОТ И КРАЛИЦАТА НА ШВЕДСКА ДОБИЈА ОХРИДСКИ БИСЕРИ И ФОТОГРАФИЈА ОД ПОСЕТАТА НА ОХРИД ВО 1978

    КРАЛОТ И КРАЛИЦАТА НА ШВЕДСКА ДОБИЈА ОХРИДСКИ БИСЕРИ И ФОТОГРАФИЈА ОД ПОСЕТАТА НА ОХРИД ВО 1978Покрај фотографијата од 1978, Филеви на шведското кралско семејство му подарија и филигрански накит со охридски бисер. (Фото: СДК.МК)

    Кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густаф, по 46 години од првата посета на Охрид, доби копчиња за манжетни од бисерни плочки гравирани со неговите иницијали со посебна рачна техника и поставени во украсна филигранска уметничка контура, изработени во дуќанот на Михајло Филев. Накит од охридски бисер од Филев, специјално изработен со огромна љубов, почит и позитивна енергија, добија и кралицата Силвија и принцезите, нејзините две ќерки и снаата.

    Михајло е четвртата генерација ракотворец на оригинален охридски бисер од семејството Филеви, семејна традиција што се пренесува еден век.

    Кралот Карл Шеснаесетти Густаф, кој дојде на престолот во 1973, со кралицата Силвија во 1978 го посетиле Охрид и за првпат ја слушнале приказната за уникатната изработка на охридскиот бисер. Фотографија од таа посета и денес стои закачена на ѕидот од дуќанот на Филев во стариот дел од градот.

    Неодамна, фотографијата во дуќанот ја забележал македонскиот амбасадор во Шведска Џенк Сејфула. Подготвувајќи се за аудиенција кај кралот, го пронашол Михајло и го замолил да му направи копија од фотографијата која ќе му биде испорачана на шведскиот крал. Михајло му испратил копија од сликата, но со голема љубов изработил подароци и на амбасадорот Сејфула му ги испратил да им ги врачи на кралското семејство, во знак на пријателство и почит.

    Михајло Филев пред фотографијата од 1978 што во неговиот дуќан ја забележал македонскиот амбасадор во Шведска Џенк Сејфула, од каде што тргна целата приказна. (Фото: СДК.МК)

    Веднаш по аудиенцијата, амбасадорот Сејфула му се јавил на Михајло и му раскажал дека на аудиенцијата за него и неговата сопруга Калина во петокот, кралицата Силвија го носела брошот со охридски бисер изработен од Филев.

    „Сакавме да приредиме едно пријатно изненадување. Мислам дека ќе им се разбудат  многу пријатни емоции кога ќе ја видат фотографијата и секако подароците, кои се изработени од срце“, вели Михајло.

    „Ќе се присетат на Охрид, Македонија и на дружењето со нас. Кралот Карл Шеснаесетти Густав и кралицата Силвија во 1978 лично дојдоа во нашата работилница, тие се лични пријатели на татко ми и сѐ уште ги одржуваме тие пријателски врски. Почитуваниот пријател, македонскиот амбасадор во Шведска Џенк Сејфула, беше импресиониран од фотографијата и за нас многу значи дека таа сега ќе биде дел и од нивната архива.  Тоа е уште еден убав момент за наша заедничка презентација на културите и поголемо зацврстување на шведско-македонските односи. Охридскиот бисер како културен елемент и бренд ги поврза нашите две семејства“, вели Михајло.

    Тој вели дека кралот и кралицата при посетата на работилницата на Филеви во 1978 се запознале со технологијата и постапката за изработка на охридскиот бисер.

    „Кралот виде дека нашето семејство е нешто посебно за градот и државата, оти се чувари на тајната за изработка на охридскиот бисер“, вели Михајло.

    Тој се сеќава на раскажувањата од тоа време дека Карл Густав и Силвија биле импресионирани и зачудени од сознанието дека постои ваков занает токму тука, оти охридскиот бисер само тука се прави на ваков начин и со ваква патентирана формула од плашицата од Охридското Езеро, со сите други природни и физички својства кои се имплементирани во патентот.

    „Татко ми тогаш имал прилика да му подари на кралското семејство по еден примерок, најубав за тоа време, изработен од охридскиот бисер за да биде еден посебен спомен на Охрид, Македонија и семејството Филеви. Оттогаш до денес одвојуваме време да честитаме празници, едноставно да одржуваме комуникација. Пред неколку години, изработивме и накит, посебни бисери за свадбата на кралската ќерка“, вели Михајло.

    Брош за кралицата, гравирани кочиња за кралот и бисерни ѓердани за двете ќерки и снаата изработени од охридски бисер. (Фото: СДК.МК)

    Првиот бисер од семејството Филеви, од прадедото на Михајло, Никола, го добила српската кралица Марија Караѓорѓевиќ. Низ изминативе сто години, бисерите биле украс и на данската принцеза Маргарета Втора, холандската кралица Јулијана и многу други светски политичари, уметници, спортисти. Еден од нив е и Новак Ѓоковиќ, кој на подарок добил бисерна бројаница.

    Изработката на охридскиот бисер е занает кој останува во семејството и се наследува од татко на син. Михајло вели дека секој еден бисер преставува морална, етичка вредност, култура, воспитување. Тој производ e многу значaен и за фамилијата, но и за Охрид и државата. Подарувањето на еден вака вреден накит е верба во пријателство, потсетување на убави моменти поминати во едно време.

    „Бисерот и сето она што овие четири генерации го постигнаа во овие сто години имаат една огромна вредност и една огромна симболика. Се работи со огромна љубов, исполнетост и ентузијазам“, вели Михајло.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира