ВЛАСТИТЕ СЕ МЕНУВАА И ВЕТУВАА, А ОД 2009 КОГА БЕШЕ НАПРАВЕН ПРВИОТ ПРОЕКТ, УНИВЕРЗАЛНА ЦЕЛОСНО СЕ РАСПАДНА

    ВЛАСТИТЕ СЕ МЕНУВАА И ВЕТУВАА, А ОД 2009 КОГА БЕШЕ НАПРАВЕН ПРВИОТ ПРОЕКТ, УНИВЕРЗАЛНА ЦЕЛОСНО СЕ РАСПАДНАДодека Универзална сала, симболот на Скопје и на солидарноста после земјотресот во 1963 се распаѓа, властите меѓусебно се обвинуваат и на прес-конфенеции се караат кој е крив за таквата состојба.(Фото: К.Попов)

    Салата од која се слушаа звуците на домашни и странски музичари, пејачи и групи, веќе седма година е во тишина. Универзална сала никогаш не изгледа потажно од сега. Разрушена однадвор и одвнатре, помислувате дека во секој момент цела ќе се урне. Даски, железа, кабли, греди. столици и други стари материјали висат од сите страни. Столчињата во партерот ги нема, а оние од блоковите извадени стојат расфрлени едни врз други. Прашина и ѓубре има на сите страни. Бината е размонтирана, останати се уште штиците низ кои години наназад минале многу ѕвезди. Таванот е полн со дупки, а низ ходниците прокапува вода. Ништо не потсетува на сите среќни моменти и испеаните песни по кои беше позната салата.

    Разрушена однадвор и одвнатре, помислувате дека во секој момент цела ќе се урне.(Фото: К.Попов)

    И додека Универзална сала, симболот на Скопје и на солидарноста после земјотресот во 1963 се распаѓа, властите меѓусебно се обвинуваат и на прес-конференции се караат кој е крив за таквата состојба. Но, во изминативе 15 години ниту една власт централна и локална, на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ не ја реновираше концертната сала, со што ќе беше спречено да се распадне.

    Власта на ВМРО-ДПМНЕ го направи цел проект „Скопје 2014“ и потроши 700 милиони евра за згради и споменици, а пари за Универзална не најде. СДСМ од кога дојдоа на власт во 2016 зборуваа дека ќе ја реновираат, но почнаа дури во септември 2021 и тоа само фасадата, за внатрешноста допрва требаше да се бара изведувач и пари. За ДУИ кои 15 години се на власт и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, Универзалната сала не е предмет на интерес.

    Првиот проект за реновирање на Универзална сала беше направен во 2009 од „Архангел бојс“, според кој се задржува автентичниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200. Но, никогаш не се реализира.

    Столчињата во партерот ги нема, а оние од блоковите извадени стојат расфрлени едни врз други. (Фото: К.Попов)

    Во 2013 кога на големо се правеше „Скопје 2014“ Министерството за култура кога министерка беше Елизабета Канчевска-Милевска објави нов план според кој салата требаше да се урне, а на нејзино место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој проект едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски.

    Во јануари 2015 Град Скопје во време на ексградоначалникот Коце Трајановски Универзална сала е преименувана во Конгресен центар Александар Македонски. Во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот на „Архангел бојс“,

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов ѝ беше вратено името Универзална сала и во 2018 со Министерството за култура беше потпишан договор за изградба на салата, односно парите да бидат обезбедени од Владата. Но, две години немаше никакви активности освен најава од Шилегов дека ќе се распише конкурс на местото на Универзална да се гради парк, а концертна сала да се прави на друга локација. Оваа идеја на Шилегов беше остро критикувана во јавноста, по што беше одлучено Универзална да се реконструира со задржување на автентичниот изглед. Лани летото пред локалните избори Шилегов со тогашниот премиер Зоран Заев и министерка за култура Ирена Стефоска го промовираше проектот, а со активностите за првата фаза, изградба на фасада и купола се почна во септември. Тогаш Шилегов рече дека во меѓувреме ќе се распише тендерот за внатрешност и на пролет да почнат градежните работи.

    Ништо не потсетува на сите среќни моменти и испеаните песни по кои беше позната салата. (Фото: К.Попов)

    Но, откако на локалните избори победи Данела Арсовска како независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ работите беа стопирани и со месеци салата стои соголена. Арсовска обвини дека причина за застојот е тоа што проектот кој го наследила од претходното раководство има грешки и не е безбеден. Таа кажа дека сега ќе го ревидираат проектот по што ќе се продолжат градежните работи, но само за фасадата и куполата. За внатрешноста како што кажа Арсовска уште е далеку реализацијата оти не наследила проект, ниту пари од Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира