100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ СЕ ОДБЕЛЕЖА САМО СО ТРИ КНИГИ ОД ГРАД СКОПЈЕ И ОНЛАЈН ТЕКСТ ОД МАНУ

    100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ СЕ ОДБЕЛЕЖА САМО СО ТРИ КНИГИ ОД ГРАД СКОПЈЕ И ОНЛАЈН ТЕКСТ ОД МАНУ„Село зад седумте јасени“ од 1952 на Славко Јаневски е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик. (Фото: К. Попов)

    Ниту една институција во земјава во текот на цела 2020 година не направи позначајно одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот Славко Јаневски и 20-годишнина од неговата смрт. Јаневски, кој е роден на 11 јануари 1920, а почина на 20 јануари 2000, припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.

    Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов донесе одлука 2020 да биде прогласена за година на Славко Јаневски. Од Град Скопје велат дека со оваа одлука се предвидоа поголем број активности, вклучувајќи именување на улица по неговото име, клон од библиотека, изработка на мурал на Јаневски, чествување во рамки на Скопско лето, изложби и конкурси во негова чест.

    Во рамките на чествувањето на годината на Јаневски, според Град Скопје, беа организирани и низа активности и настани, но поради пандемијата на ковид-19 сите активности биле прилагодени согласно протоколите. Од Град Скопје, велат тие, беше поддржано издавање на три книги на Славко Јаневски: стрип-тетратка „Улица“, романот „Депонија“ и „Произведувачи на зборот“ – 2 и 3 број на Архивот Јаневски. Во тек е процедурата за изработка на мурал со ликот на Јаневски, кој е во подготвителна фаза, за што се надеваат дека ќе биде готов до неговиот роденден во јануари.

    „Во тек е постапката за именување на поголем број улици и други инфраструктурни објекти во Скопје, каде во јавна и транспарентна постапка, на граѓаните им беше дадена можност да дадат предлози за имиња. Беа доставени повеќе од 1.600 предлози, а еден од предлозите е и една од скопските улици да го носи името Славко Јаневски. Ова е подолготраен процес со многу постапки, согласно Законот за именување на улици, а по сите нивни исполнувања ќе биде реализирано истото“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Град Скопје.

    Принтскрин од официјалната веб страна на МАНУ, каде е достапен текстот од академик Влада Урошевиќ

    За односот на државата кон Јаневски, пишува новинарот и колумнист Ѕвездан Георгиевски во својата колумна насловена „Втората лустрација на Славко Јаневски“. Георгиевски, кој е и претседател на Фондацијата Славко Јаневски, во колумната меѓудругото истакнува дека се чини оти основоположниците на македонската литература не се нешто популарни во последно време.

    „Особено не е Славко Јаневски. Освен ако не се работи за некои дневно-политички манипулации и злоупотреби. Онаа трагична лустрација, спроведена од минатиот режим, како да е сè уште на сила. Имено, годинава беше стогодишнина од неговото раѓање и две децении од неговата смрт. Го забележа тоа некој? Кога велам ‘некој’, мислам на оние што се платени од нашите пари тоа да го забележат и одбележат. Не, се разбира. Значи, Славко Јаневски е еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите и единствениот академик – чиј јубилеј МАНУ на ниту еден начин не го обележа“.

    Споменик на Јаневски во бронза во 2009 беше поставен во Жена парк во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев ни рече дека во Програмата за работа на МАНУ во 2020, во рамките на активностите на Одделението за уметност е предвидено одбележување на „100 години од раѓањето на Славко Јаневски“, преку организирање и одржување свечен собир.

    „Меѓутоа, поради појавата на пандемијата на коронавирусот и изречените мерки од Владата за спречување на ширење на вирусот, Академијата не беше во можност да го организира настанот, како што традиционално ги организира и одбележува јубилеите од раѓањето на членовите на МАНУ, така што Академијата, во согласност со настанатите услови, на својата интернет страница објави на 26 јуни пригоден текст од академик Влада Урошевиќ, по повод одбележувањето на овој јубилеј“, ни изјави академик Коцарев.

    Министерството за култура цени дека значајните јубилеи од историјата на македонската култура треба на соодветен начин да се одбележуваат, но за жал, велат оттаму, оваа година, изостанаа иницијативи за важни настани кои би се одбележале на највисоко ниво.

    „До Министерството за култура не пристигна предлог за одбележување на 100 години од раѓањето на Славко Јаневски, кој навремено би можел да се вметне во буџетските програми за поддршка. Потсетуваме дека одбележувањето на значајни јубилеи од историјата, науката и културата е во надлежност на Собранието“, ни рекоа од кабинетот на министерката Ирена Стефоска.

    Јаневски припаѓа на првата генерација македонски писатели која ги поставила темелите на современата македонска книжевност.

    Георгиевски во својата колумна реагира дека не ѝ бил продолжен рокот на Фондацијата Славко Јаневски да може да реализира два од проектите, поддржани од Министерството за култура, а од Министертвото велат дека Фондацијата на Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес за 2020 година беше поддржана со три проекти и тоа: Графичка новела „Улица“ , избор раскази од Славко Јаневски и Годишник „Архив Јаневски“ (бр. 6 и 7).

    „Потенцираме дека според договорите потпишани од страна на корисниците на средства за финансирање од областа на литературата и издавачката дејност, корисникот се обврзува проектот да го реализира заклучно со 15.11.2020. Фондацијата ‘Славко Јаневски’ до законски предвидениот рок, ги исполни само обврските предвидени со договорот за реализација на проектот Графичка новела ‘Улица’. Според член 10 од договорите пак, Министерството за култура има право еднострано да го раскине договорот, доколку корисникот не го реализира проектот во утврдениот рок. Наведената одредба од договорите важеше подеднакво за сите корисници со кои Министерството имаше склучени договори за реализација на проекти од национален интерес во издавачката дејност и литературата за 2020 година. Исто така, Министерството за култура на Годишните конкурси традиционално дава финансиска поддршка и за манифестацијата ‘Роман на годината“ чиј организатор е Фондацијата ‘Славко Јаневски’“, ни рекоа од Министерството.

    Меѓу институциите кои направиле некакво одбележување е Институтот за македонски јазик, кој на почетокот на септември, одржа научна конференција во Охрид посветена на 100-годишнината од смртта на Марко Цепенков и 100-годишнината од раѓањето на  Јаневски, како и 70-годишнината од публикацијата на неговата повест „Улица“. Конференцијата се одржала во потесен состав, а според најавите, сите реферати на околу 35 учесници, и на учесниците од странство, ќе бидат публикувани во зборникот.

    Во 1946 година во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело 7 члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП. Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 тој ја адаптирал класичната историска драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“ во режија на Трајче Попов, соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица и ја адаптирал сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“ во режија на Кирил Ценевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира