АЛБУМОТ „БАСТИОН“ БЕШЕ 35 ГОДИНИ ПРЕД ВРЕМЕТО, ЗВУЧИ КАКО ДА Е СОЗДАДЕН ДЕНЕС

    АЛБУМОТ „БАСТИОН“ БЕШЕ 35 ГОДИНИ ПРЕД ВРЕМЕТО, ЗВУЧИ КАКО ДА Е СОЗДАДЕН ДЕНЕСЉубомир Стојсављевиќ, Ана Костовска и Кирил Џајковски пак заедно по 35 години на промоцијата на реизданието на култниот албум „Бастион“ на истоимената група (Фото: З. Петровски)

    Иако издаден пред 35 години, албумот „Бастион“ на истоимената скопска група, едно од култните изданија на македонската музичка сцена, звучи свежо како да е создаден денес, Кики, Кучкар, Ана и Милчо биле многу пред  свето време, коментираа бројните присутни од различни генерации на синоќешната промоција на реизданието на плочата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

    Овој албум од 1983 е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој беше автор на текстовите, а го сними и спотот за „Жежок ден во Мексико“ (Hot Day in Mexico) од кој, за жал, денеска не постои снимка

    „Бастион“ официјално излегува на плоча на 16 март, како прво издание на издавачката куќа „АЦЦ рекордс“ зад која стои Флора Питроло, чија цел е пронаоѓање на поопскурна електронска музика од 1980-ите години. Синоќа, промотивните примероци се распродадоа за 15-на минути и се чекаше редица за потпис од членовите на групата Кирил Џајковски, Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар и Ана Костовска. На промоцијата фалеше само четвртиот член на групата, режисерот Милчо Манчевски, кој не е во Македонија.

    Синоќа, промотивните примероци се распродадоа за 15-на минути и се чекаше редица за потпис од членовите на групата Кирил Џајковски, Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар и Ана Костовска; – Кучкар потпишува стар и нов примерок од албумот (Фото: З. Петровски)

    „Она што ме фасцинира е дека таа уметничка енергија што се склопила пред 35 години создала едно дело кое е живо и еднакво добро комуницира со публиката и сега, исто како и кога настана. Просто страв ме фаќа кога ќе ми текне колку долг период е 35 години“, вели Кирил Џајковски, кој додава дека му е уште поневеројатно што речиси во исто време со ова реиздание добил барања албумот на „Бастион“ да биде издаден и во Британија, Полска, Германија, Србија и Австралија.

    Од следната недела винилот„Бастион“ ќе се продава во концепт-продавницата „Ап(о)тека“ во МКЦ, а изданието деновиве добива одлични рецензии низ Европа.

    Кики, Кучкар, Ана и Милчо биле многу пред свето време, коментираа бројните присутни од различни генерации на синоќешната промоција на реизданието на плочата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје (Фото: З. Петровски)

    „Бастион“, кој содржи осум песни, е снимен во Скопје во 1983 година, а официјално издаден наредната година од „ПГП-РТБ“, на српски јазик. Овој албум е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој беше автор на текстовите, а го сними и спотот за „Жежок ден во Мексико“ (Hot Day in Mexico) од кој, за жал, денеска не постои снимка. Низ годините, албумот доби легендарен статус и никогаш не загуби од својата свежина, а групата го понесе епитетот „македонска електро-поп сензација“.

    „Сочните и блескави синтисајзерски текстури на Кирил Џајковски, беспрекорниот фанки бас на Стојсављевиќ, експресивниот и страствен вокал на Костовска и луцидната лирика на Манчевски се во совршена симбиоза. 35 години подоцна, останува една од најизненадувачките плочи што некогаш излегле во Источна Европа, која сѐ уште звучи свежо и возбудливо“, вели издавачот „АЦЦ рекордс“.

    „Холивуд“, „Мистер Комплекс“, „Деца на Сонцето“ (Деца Сунца), „Лице во огледало“, „Месечина во шолја“ (Месец у шољи),„Молитва“ се култните песни кои се популарни до денес.

    За реизданието е снимено и видео за „Деца на Сонцето“.

    „АЦЦ Рекордс“ на Флора Питроло произлегува од нејзината радиоемисија „A Colder Consciousnees“ која од 2011 оди  Resonance FM во Лондон и Канал 103 во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира