БЕЛГРАДСКИТЕ АКТЕРИ СО ВОЗБУДА ГО ЧЕКААТ СЕКОЕ ВРАЌАЊЕ НА УНКО, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ АКТЕР БРАНКО ЦВЕЈИЌ

    БЕЛГРАДСКИТЕ АКТЕРИ СО ВОЗБУДА ГО ЧЕКААТ СЕКОЕ ВРАЌАЊЕ НА УНКО, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ АКТЕР БРАНКО ЦВЕЈИЌСедумдесет и едногодишниот Бранко Цвејиќ, познат по прекарот Бане Бумбар, деновиве е во Скопје, со колегите од Југословенско драмско позориште, со кои во МНТ вечерва ја играат претставата на македонскиот режисер Слободан Унковски, „Ајнштајновите соништа“ (Фото: М. Златевска)

    Легендата на српските претстави, филмови и ТВ-серии, актерот Бранко Цвејиќ, деновиве е во Скопје заедно со колегите од Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград. ЈДП дојде во Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата на македонскиот режисер Слободан Унковски, „Ајнштајновите соништа“ која се играше синоќа во полн салон и доби големи аплазуи и овации, а втората изведба е закажана за вечерва од 20 часот.

    Дел од екипата на претставата „Ајнштајновите соништа“ со композиторот Златко Ориѓански и режисерот Слободан Унковски (Фото: М. Златевска)

    Седумдесет и едногодишниот актер е најпознат по улогата на Бане Бумбар во култната ТВ-серија „Бос в трње“ („Грлом у јагоде“) од 1975, но прекарот го добил многу порано, од познатиот режисер и долгодишен директор на ЈДП Бојан Ступица. По желба на Цвејиќ, и со согласнот од режисерот на ТВ-серијата Срѓан Карановиќ, прекарот го задржал и во „Бос в трње“.

    Во богатата кариера запишани се и познати наслови од југословенската ТВ и филмска сцена: „Камионџии“, „Мајстори, мајстори“, „Венецот на Петрија“, „Отпишаните“, „Балкан експрес“, „Јагода во грло“, „Мамливо лето“, „Подобар живот“.

    На почетокот од разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК, големиот актер љубезно вели дека искрено ги сака Скопје и Македонија и дека Унковски го чувствува како дел од семејството.

    „Никогаш не почувстував дека ја растуривме онаа земја која ја имавме, во која сум роден, која ја сакав и сега ја сакам. Кога се случуваа тие ужасни работи, ние не ни имавме проблеми со Скопје и Македонија. Немам впечаток дека нешто се смени, дури немаше ни големи паузи во гостувањата“, вели Цвејиќ, кој десет години беше директор на Југословенско драмско позориште.

    „Не знам дали е полесно да се глуми или да се води театар, знам само дека е најдобро да се биде глумец“, вели Цвејиќ, кој десет години беше директор на ЈДП (Фото: М. Златевска)

    Со Унковски повеќе работел како продуцент, а има играно само во две негови претстави, „Буре барут“ и „Ајнштајновите соништа“.

    „Сите претстави кои Унко ги работеше во ЈДП се многу, многу значајни и успешни. Сум прочитал негови изјави дека ЈДП го смета за свој театар, и тоа е точно. Неговите режии одбележаа повеќе сезони на ЈДП.
    Секогаш постои лесна возбуда кога Унко се враќа кај нас. Младите актери кои не ни биле родени кога почнувал да работи во ЈДП, исто така многу сакаат да работат со него“, додава Цвејиќ.

    Тој вели дека, бидејќи се занимавал со водење на театарот, смета оти за неразменување на претстави не е виновен ни режимот, ни полититката, туку најмногу луѓето кои се на чело на куќата.

    „Тие можат најмногу да направат за гостувањата, секако ако имаат интерес за тоа. Не можеме да бараме алиби во режимот или политичките системи“, рече тој.

    Цвејиќ со колегите од ЈДП пред вчерашната проба во МНТ (Фото: М. Златевска)

    Додека бил директор, не играл во претставите и затоа вели, после 10 години апстиненција, се вратил на сцената како почетник.

    „Не знам дали е полесно да се глуми или да се води театар, знам само дека е најдобро да се биде глумец. Можам да работам разни работи, но најинтерсно ми е да бидам глумец“, се смее Цвејиќ.

    За репертоарот на ЈДП, додава дека имале доста праизведби од млади автори и млади режиери, што му причинува големо задоволство, не затоа што се открива ново име, туку затоа што му се дава шанса.

    „Искрено ги сакам Скопје и Македонија. Никогаш не почувстував дека ја растуривме онаа земја која ја имавме, во која сум роден, која ја сакав и сега ја сакам“, вели доајенот на српскиот филм и театар (Фото: М. Златевска)

    За култната ТВ-серија „Бос в трње“, вели дека последен пат ја гледал пред две години, и тоа првпат со публика, кога Културниот центар во Белград организрал манифестација за одбележување 40 години од прикажувањето на серијата. Имало изложба на фотографии, промоција на книга и во три дена се прикажале серијата и на крај филмот „Јагода во грло“.

    „Искрено бев скептик кој ли ќе се сеќава на тоа од пред 40 години. Но беше полно, секоја вечер се емитуваа по 3 епиздои и имаше разговор со глумците. Беше интересно и носталгично, половина беа луѓе од моја генерација, половина млади, кои на ТВ-серијата биле навлечени од нивните родители. Со колегите од ТВ-серијата се собравме десет години подоцна за филмот, и беше интересно да се појави истата екипа, сега веќе како етаблирани глумци. Тоа е една од ретките серии, ако не и единствена, за која авторите, Срѓан Карановиќ и Рајко Грлиќ не сакаа да напишат втора сезона. Денес веќе нема серија која не се снима во неколку продолженија. Завршиме со серијата, завршиме со филмот и тие рекоа тоа е тоа, пријатно“, вели Цвејиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира