Долгометражниот документарец „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, со преживеаните од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал, објавија огранизаторите. „Добри луѓе“ е во документарната конкуренција за наградата Срцето на Сараево, на еден од најреномираните фестивали во Југоисточна Европа, а продукцијата објави дека премиерата ќе биде на 16 август.
Фестивалот се одржува од 14 до 21 август, а во конкуренцијата за награди за игран филм се и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума (европска премиера) и дебито „17“ на Косара Митиќ (регионална премиера), додека во жирито за играната селекција е и актерката Сара Климоска.
„Во периодот додека беше ставен на црна листа од Агенцијата за филм, Манчевски со свои средства го финансираше овој филм во знак на почит кон жртвите и хероите од Кочани. ‘За деца, за внуци’, рече тој. Манчевски и минимална документарна екипа го создадоа ‘Добри луѓе’ без учество на државата“, вели продукцијата.
Како беспоштедна, но воздржана медитација за тагата, борбата за опстанок и човечката солидарност, „Добри луѓе“ зборува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои. Тие не се симболи, туку луѓе – ранливи, но силни, издржливи и длабоко реални. „Добри луѓе“ користи минимална естетика на воздржан филмски јазик, овој аскетски филм не интерпретира и не суди, туку слуша.
„Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе. Почнавме да ги снимаме уште веднаш, само еден месец по трагедијата. Тоа беше најмалку што можевме да понудиме како знак на огромна почит и солидарност. Овој филм е нивен. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции. Како филмаџии, ние сме школувани да работиме со материјалот, да го водиме, да го вајаме, но јас решив дека нашата работа во овој филм ќе биде да се повлечеме во втор план. Дискретно ја обликувавме приказната за таа трагична ноќ, без какви било одвишни синеастички интервенции. Оваа спартанска, минималистичка техника е нешто што го доближува гледачот до доживеаното искуство. Овој филм е како книга – зборовите се многу важни. Една од пораките е да бидеме подобри едни кон други, да го препознаеме доброто во луѓето со кои живееме. Им должиме голема благодарност и на „Сапорт Кочани“, кои ѝ помагаат на заедницата и многу ни помогнаа во реализацијата на овој филм“, вели Манчевски.
Од продукцијата велат дека затоа што овој филм ја почитува вистината на преживеаното искуство и изговорениот збор во неговата најсирова форма, централното место му припаѓа на сведоштвото – на личното доверување, на непосредното присуство, кое не може да биде заменето или реконструирано. Тука тој се одлучува за радикално минималистичка форма.
„’Добри луѓе’ е интимно и суштинско продолжение на авторскиот интерес на Манчевски за односот меѓу личната трагедија и колективната меморија“, вели продукцијата.
Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, автор на музиката Игор Василев-Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.
„Филмот е реализиран со приватни средства на Милчо Манчевски преку ‘Банана филм’, без да се бара учество на Агенцијата за филм, а во соработка и со поддршка на ‘Сапорт Кочани’. Дистрибутерите, продуцентите и режисерот се откажаа од добивка и целиот приход е наменет за жртвите во Кочани“, вели продукцијата.
Од таму потсетуваат дека Манчевски, кого Сараевскиот фестивал го нарекува „македонскиот Сноуден“, повеќе од 4 години беше изложен на политички и други притисоци поради тоа што разоткри и пријави корупција во тогашната Агенција за филм на Северна Македонија. Неговиот игран филм „Сестра, брат и шахта“ (со работне наслов „Биста“ односно „Збогум Копакабано“ со години беше блокиран од т. н. „филмска мафија“. Манчевски доби две судски победи против тогашната Агенција за филм, како и силна меѓународна поддршка – од Венецискиот филмски фестивал, од Транспаренси интернешанал, од Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа, а неговите наоди ги потврдија и Антикорупциската комисија, Министерството за култура и Државниот завод за ревизија.
„Филм не се прави за инает, ама понекогаш добро ќе ти дојде дополнителен ветер во едра“, вели Манчевски за тоа што и покрај ставањето на црна листа сними два филма, а за создавањето на „Добри луѓе“ во вакви услови смета дека ја одразува неговата решеност да продолжи да создава уметност и да зборува за важни теми и покрај системските опструкции.



