НЕ МОЖЕ ЗА ФОЛКЛОР, ЕСТРАДА И КЛАСИКА ДА СЕ РЕШАВА ВО ЕДЕН КАБИНЕТ- МКЦ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРИГОВОРИ ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    НЕ МОЖЕ ЗА ФОЛКЛОР, ЕСТРАДА И КЛАСИКА ДА СЕ РЕШАВА ВО ЕДЕН КАБИНЕТ- МКЦ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРИГОВОРИ ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА„МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци кои беа и се доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на ионака кревкото културно јадро на нашата држава“, вели директорот Русе Арсов, кој заедно со програмскиот тим на МКЦ ги презентираа резулатите од ланските програми и ги најавија годинашните планови (Фото: СДК.МК)

    Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе поднесе приговори на одлуките на Агенцијата за филм и на Министерството за култура, според кои фестивалот Синедејс доби три милиони денари, а со ниту еден денар не е поддржан фестивалот Здраво млади, вели  в.д. директорот Русе Арсов.

    „Првичната одлука беше шок за нас. Побарав средба со директорот на Агенцијата Горјан Тозија, и можеби сум и наивен, но среќен сум по нашиот состанок на кој мислам дека ги расчистивме различните ставови околу многу точки кои за него беа проблематични. Се согласи дека сето тоа јас дополнително треба да го доставам како приговор, кој законски е наша можност“, рече Арсов на денешната прес-конференција.

    Арсов заедно со целиот програмски тим на МКЦ ги презентираа резулатите од ланските програми, ги најавија годинашните планови, и рекоа дека не се задоволни ниту од поддршката од Министерството за култура. Ќе поднесат пријави за одбиените проекти и за тие за кои не се задоволни од добиената сума. Од Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност, веднаш по објавувањето на Годишната програма за национален интерес за 2019, рекоа дека најголем дел од одбиените пријави се одбиени поради нецелосни пријави.

    Арсов кажа дека за Млад отворен театар (МОТ) од Министерството добиле четири милиони денари и смета дека е малку, но не можат да приговараат зашто според утврден критериум за кој, рече, дознале неодамна, тоа е и максималниот ограничен износ што еден може да го добие театарски фестивал. Тој додаде дека годинава МОТ ќе се одржи малку порано од стандардиот термин на крај на септември, и ќе трае до 12 со 19 септември.

    „МКЦ нема да зависи од буџетската поддршка и ќе настојува да ги реализира планираните активности, меѓу кои ќе има и гостувања на странски уметници, за целата програма и обврските да се изменаџираат професионално. Повеќе од десет години говориме да се најдат нови модели на распределување на јавните средства. Тројца луѓе, колку и да се професионални, не можат да одлучат врз основа на 500, 600, 700 сектори за распределба на јавни средства. Мислам дека треба да се работи на комплетна промена на моделот на финансирање и распределба на тие средства,  а не за тоа да се решава во кабинети и во некои мали комисии, за кои не ја оспорувам нивната професионалност и стручност. Но музичката дејност не може да биде и фолклор, и класика, и естрада, и сѐ во едно, а фестивалот  Здраво млади со пет илјади публика да добие нула денари“, рече Арсов.

    Тимот на МКЦ најави некои од имињата кои ќе дојдат годинава во МКЦ, како Лиза Џерард од „Дед кен денс“ заедно со бугарскиот хор „Мистери војсис“, „Тајгер лилис“, словенечкиот режисер Томи Јанежич, а во преговори се да дојде култниот режисер Џим Џармуш со неговиот бенд.

    Град Скопје минатата недела распиша конкурс за директор на МКЦ, и на прашањето дали ќе конкурира и како ќе ги коментира шпекулациите дека за тоа место веќе има партиско решение, Арсов рече:

    „Секако, дваесет години сум во куќава. Ова е само продолжување на една борба која во последните девет-десет години овој тим ја води и не гледам зошто не би се докажале за она што сакаме дополнително да го направиме со оваа институција и да го продолжиме тоа што сме го граделе сиве овие години. Не сакам да шпекулирам со имиња, само посакувам чесна борба и да победи најдобриот“, рече  Арсов.

    Арсов, долгогодишен програмски директор на МКЦ, лани во март дојде на местото на Златко Стевковски, кој си поднесе оставка од лични причини. Арсов е истакнат продуцент и долгогодишен програмски директор на настаните кои ги организира МКЦ, како фестивалите Млад отворен театар, Синедејс, Здраво млади, Земјотрес и голем број ликовни изложби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира