Светската премиера на „Сестра, брат и шахта“, осмиот филм на Милчо Манчевски, ќе биде на 30 октомври на 39. Филмски фестивал во Токио, објави денеска продуцентот на филмот Јане Ќортошев. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија.
Ќортошев на прес-конференцијата кажа дека отворањето на фестивалот е на 26 октомври, кога македонската екипа ќе продефилира на црвениот килим заедно со останатите филмаџии. Премиерата ќе биде во најголемата сала на фестивалот, веднаш потоа актерите и режисерот ќе имаат разговори со публиката, со јапонските медиуми и меѓународните медиуми. Филмот ќе има уште две проекции на 2 и на 3 октомври.
Манчевски кажа дека „Сестра, брат и шахта“ е една лута сатира и еден нежен портрет во исто време на брат и сестра коишто со хумор и со пркос се справуваат со едно корумпирано општество.
„Нашите Ивица и Марица крадат бисти на народни херои и шахти, и еден убав ден се среќаваат со една слепа богата баба“, кажа Манчевски.
Тој вели дека „Сестра, брат и шахта“ е фикција, измислена приказна, меѓутоа, како и секоја добра приказна, таа е и инспирирана и поттикната од вистински случувања кои потоа уметниците и екипата ги преработуваат низ себе – некогаш свесно, некогаш несвесно.
„И во овој филм, како и во сите претходни, имам работи кои се сонувани, имам работи кои се измислени, имам работи кои сум ги слушнал или ми се случиле, ама важно е да бидат исплетени сите во една приказна која ќе биде компактна. Отпорот кој главните ликови го даваат кон корумпираното општество не е манифестиран со крадењето на шахти и на бисти. Ќе видите од самиот филм, тоа е во нивниот генерален однос кон било какви авторитети, особено лажни авторитети. И дел од тоа е и нивната безобѕирност или привидна безобѕирност кон добробитта на другите луѓе или кон туѓата сопственост. И, се разбира, и кон историјата“, рече Манчевски.
Ќортошев, кому ова му е трета соработка со Манчевски, по „Врба“ и „Кајмак“, рече дека најпрво му се допаднала идејата.
„Сметам дека премисата на филмот е генијална. Распродажба на херои на кило. Брат и сестра крадат споменици, бисти и ги продаваат за старо железо. И шахти. Одлична е премисата, која им е допадна и на копродуцентите. Најпрво беше нели приказната, а потоа сценариото. Во сценаријата на Милчо дијалогот е толку жив, толку уникатен, вистински, што сценаријата не можат да те остават рамнодушен. И секако, мислам соработката со Милчо, можноста за соработка со Милчо е секогаш предизвик за сите“, рече продуцентот.
Манчевски паралелно сними два филма, играниот „Сестра, брат и шахта“ и документарецот „Добри луѓе“, со преживеаните од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Вели дека не планирал да работи два филма во исто време, дека тоа е реткост и е прилично тешко, ама така се случило.

На прес-конференцијата преку видеповик зборуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски. (Фото: К. Попов)
„Прво ‘Сестра, брат и шахта’ беше одложуван три-четири години, затоа што Агенцијата за филм незаконски блокираше. Јас ги ги тужев и добив две судски пресуди, така што мораа да го да го пуштат филмот и откако се отвори браната, откако можев да работам, во исто време се случи и Кочани. Тогаш сметав дека треба да се да се реагира веднаш и да се снимаат луѓето додека трагедијата е сè уште најболна и најжива. Така што, излегоа два филма во исто време, па сега може ќе си земам подлабока пауза“, кажа режисерот.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Соња Михајловска.
Климоска вели дека силата и пркоста на ликот на сестрата Малина ѝ биле јасни уште од првото читање на на сценариото и поважната работа за неа било како да произлезе таа ранливост, а да не се преглумува, да се доигрува.
„Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат“, рече Климоска.
Трајковиќ рече дека ликот на братот Виктор кој го игра, кај него го променил начинот на кој гледа на работите во животот.
„Одеднаш сфаќаш дека за многу радост не треба толку многу. Треба само да сме задоволни и среќни со она што го имаме, а тоа многу тешко се постигнува. Во однос на тоа што е тоа што го има Виктор, а што не го гледаат другите, е еден сериозен еден стоички оптимизам што никако не може никој да му го сруши.
Постојано верува во тоа дека луѓето се добри и дека доброто на крај ќе победи“, рече Трајковиќ.
Михајловска преку видеопорака од Битола кажа дека на прв поглед ликот на Тодора е ладен, арогантен, суров, а во суштина потоа се открива дека е великодушна жена. Тодора е стара мајка, рече актерката, која во животот многупати била повредена и изневерена, била дури и жртва, но го доживува моментот да биде изневерена и предадена од родениот син.
„Во средбата со братот и сестрата почнува еден чин што за Тодора значи отворање на шахтата во која се наталожиле сите неверства што ѝ се направени во животот. Се открива голата вистина за нејзиниот син, којшто од друга страна за Тодора значи ослободување од тињата и талогот насобрани во нејзината душа, за да стигне до оној момент на великодушно давање“, рече таа.
Михајловска откри дека во сценариото ликот на Тодора е снаа на Ѓорче Петров, и дека била многу среќна и горда кога го прочитала тоа, оти тој ѝ е еден од омилените ликови во нашата револуционерна историја.
„Фала му на Милчо што ме даде за снаа во толку прекрасна македонска фамилија – фамилијата на Ѓорче Петров“, рече Михајловска.
Ќортошев кажа дека ќе се потрудат после светската, брзо да се случи и македонската премиера, а тоа би требало да биде околу крајот на ноември , по што би следело и кинодистрибуција во градови низ дражавата каде што има услови за гледање на филм.
Холивудското списание „Вараети“ денеска ексклузивно го објави трејлерот на „Сестра, брат и шахта“.
Во 1995, Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 и со „Кајмак“.
„Сестра, брат и шахта“ (со работни наслови „Биста“ и „Збогум, Копакабано“) беше поддржан со 28 милиони денари (околу 455.000) евра од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 во втор рок на одлучување, а поддржан е и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.
Б. НЕСТОРОСКА



