„ВРБА“ НЕ Е НИ ЖЕНСКИ НИ МАШКИ ФИЛМ, ТУКУ Е ЗА ЛУЃЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ МАНЧЕВСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА

    „ВРБА“ НЕ Е НИ ЖЕНСКИ НИ МАШКИ ФИЛМ, ТУКУ Е ЗА ЛУЃЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ МАНЧЕВСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРАПродуцентот Јане Ќортошев, актерите Никола Ристески и Сара Климоска, режисерот Милчо Манчевски, актерите Наталија Теодосиева и Ненад Нацев на денешната прес-конференција за премиерата на „Врба“ (Фото: К. Попов)

    „Имаме голема трема и страв ни е за македонската премиера на ‘Врба’“, рекоа актерките Наталија Теодосиева и Сара Климоска на денешната прес-конференција за новиот филм на Милчо Манчевски, „Врба“. Шестиот филм на најнаградуваниот македонски филмски автор имаше светска премиера на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим и доби одлични реакции од критичарите, публиката и светските медиуми. „Врба“ в петок во исто време, 20,30 часот ќе има премиери во Филхармонијата и скопските кина Милениум и Синеплекс, како и во Битола, Охрид и во Штип, а од 4 ноември ќе игра во Прилеп.

    „Во исто време и ништо поназад со останатиот дел од светот ќе овозможиме ‘Врба’ да го видат сите, сметаме дека тоа е прва наша должност. Правиме напори да игра и во другите градови во државата“, рече продуцентот Јане Ќортошев.

    Режисерот Манчевски кажа дека постои машка и женска верзија на филмот, кои се 95 отсто исти, но сепак различни, двете функционираат на свој особен начин.

    „Секоја е убава на свој начин и наместо да одлучиме едната да ја фрлиме, решивме двете да ѝ ги понудиме на публиката. Машката ќе се прикажува во Милениум, а женската во Синеплекс. Ист е филмот, мала е разликата. Некој сака да каже, еве Сара на пример дека филмот е феминистички. Не е женски филм, ова е филм за луѓе. Некои луѓе се жени, некои се мажи. Маките, радостите, копнежите, болките се исти. Ситуацииите може да бидат различни. Разликата е во тоа што машката е подинамична и пократка за 15 минути, а женската е подлабока“, рече Манчевски, без да открие која верзија ја гледала публиката во Рим, а која верзија ќе ја гледа публиката во Филхармонија.

    Тој вели дека премиерата ѝ ја посветуваат на Марко Ќортошев, кој е врсник на „Врба“ и се роди на неколку дена пред светската премиера, а ова е филм за добивање деца.

    „’Врба’ е трагедија со среќен крај. Како и животот има тажни моменти, весели, смешни, има и хумор. Секој филм создава свој универзум, и мислам дека гледачот го сака филмот ако успее да влезе во него и некаде да го однесе“, вели Манчевски (Фото: К. Попов)

    Манчевски говореше дека нему кастингот му е најважниот дел од работата и дека секогаш заедно со кастинг директорот е многу студиозен. Кај глумците најважен му е занаетот, и колку глумецот како енергија е соодветен на ликот.

    „Јас сум исклучително задоволен од сите улоги, имаме одлични глумци. Имавме кастинг од 4 месеци, и имам огромна благодарност до кастинг директорката Милка Анчевска, како и до продуцентот Јане“, додаде Манчевски.

    Приказната е за три млади мајки. Едната приказна се случува во средниот век, а другите две се современи и приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а во исто време се контраст една на друга.

    „’Врба’ е трагедија со среќен крај. Како и животот има тажни моменти, весели, смешни, има и хумор. Секој филм создава свој универзум, и мислам дека гледачот го сака филмот ако успее да влезе во него и негде да го однесе. Може да биде страшно реалистичен и денешен, а може и средновековен. Страшно интересно е со изучувањето да откриеш колку биле различни, а исти луѓето во одредено време. И колку тоа што ние го знаеме како историја е романтизирана фикција. Тоа е една од убавите придобивки на правењето на ваков филм“, рече Манчевски.

    Главните улоги покрај Климоска и Теодосиева ги играат младите актери Никола Ристески,  Ненад Нацев и  Камка Тоциновски. Во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
    Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија.

    Извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари