ЧИПАН ГО ЗАДОЛЖИ ОХРИД ЗА СИТЕ ВРЕМИЊА, ОДБЕЛЕЖАНИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ХЕРОЈОТ НА СОВРЕМЕНАТА АРХИТЕКТУРА

    ЧИПАН ГО ЗАДОЛЖИ ОХРИД ЗА СИТЕ ВРЕМИЊА, ОДБЕЛЕЖАНИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ХЕРОЈОТ НА СОВРЕМЕНАТА АРХИТЕКТУРА„Чипан беше своевиден хроничар на својот Охрид, го нарекуваше ' волшебниот рид'. Му се задолжи на градот со анализите, реконструкциите, откритијата и сознанијата', рече академик Газанфер Бајрам на денешната свеченост во вила Уранија во Охрид (Фото: СДК.МК )

    Човек со пребогат дух, со отворено срце, човек чии дела го задолжија градот Охрид, беа само неколку од епитите за бардот на современата македонска архитектура Борис Чипан на денешното одбележување на 100-годишнината од неговото раѓање, во вилата Уранија во Охрид. Свеченоста за чествувањето на споменот и работата на професорот Чипан (1918-2012), проектант, конзерватор, едукатор и публицист, една од најважните повоени фигури во современата македонска архитектура, конзерваторство и градителство, ја организира Архитектонскиот факултет од Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Општината Охрид, Музејот на Град Скопје и МАНУ.

    Родниот Охрид му бил пасија, инспирација и голема љубов (архивска фотографија од Борис Чипан на Архитектонскиот факултет во Скопје)

    Во неговиот роден Охрид, за кој велел дека му е пасија, а конзервацијата на „Св.Софија“ остварување на некаков сон, вечерва ќе бидат изложени материјалите од професионалната оставина што семејството Чипан ги подари на Музејот на град Скопје.

    „Со него можеше за сѐ да се разговара, на најразлични теми за животот и живеењето, од Охрид низ вековите, напластени култури од три империи и градби од тоа време, до приказната за Џеладин Бег и Ташула, за уметноста во Света Софија, луѓето, езерото, до разни случки поврзани со неговото живеење поврзани со секој од овие сегменти“, рече академик Газанфер Бајрам. Тој додаде оти долга е листата на дела со кои Чипан го задолжи градот Охрид.

    „Чипан беше своевиден хроничар на својот Охрид, го нарекуваше ‘ волшебниот рид’. Му се задолжи на градот со анализите на охридската архитектура, прибележувајќи ги и реконструктирајќи ги преку скици охридските куќи, со конзервацијата и анализата на катедралниот храм Света Софија, со откривање нови факти за Долни Сарај и безброј други негови сознанија и откритија“, кажа академик Бајрам.

    Говорејќи за Чипан, деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Огнен Марина рече дека фактот што неговиот животен и професионален пат почнува во Охрид, помеѓу највредните примери на средновековната и нововековната сакрална и профана архитектура во Македонија, недвојбено влијаело Чипан да биде еден од првите студенти од Македонија на одделот за архитектура на Техничкиот факултет во Белград.

    „Навидум случајно, но сигурен сум дека не постои друг архитект чиј професионален пат подобро ја илустрира современата македонска архитектура“, рече Марина.

    Градоначалникот Јован Стојаноски кажа дека локалната власт ќе ја следи посветеноста на  Чипан во остварувањето на неговиот сон, да не се дозволи деградирање и уништување на Охрид.

    „Навидум случајно, но сигурен сум дека не постои друг архитект чиј професионален пат подобро ја илустрира современата македонска архитектура“, рече деканот на Архитектонски факултет Огнен Марина (Фото: СДК.МК )

    На изложбата која ќе се отвори вечерва во 19 часот во вилата Уранија, ќе биде претставена „Збирката на архитектот Борис Чипан“ која има над 500 артефакти од Музејот на Град Скопје.

    Ова е второ претставување на оставнината на еден од најомилените професори на Архитектонскиот факултет, чии предавања поради луцидноста, црнохуморниот начин на презентација, бунтовноста аргументирана со ерудиција во генијални размери секогаш ги преполнувала амфитеарите на факултетот.

    Модерниот и вонвременски дух на Чипан извира од неговите белешки кои уредно ги чувал дури од студентските денови во Белград, од стотиците страници на рака пишувани текстови и преписки на тема архитектура и урбанизам, од бројните проекти, скици, фотографии кои зборуваат за капиталното дело на една од најзначајните повоени фигури на македонската модерна.

    Борис Чипан, една од најважните повоени фигури во современата македонска архитектура, конзерваторство и градителство, на 33 години стана раководител на проектот за конзервација на разурнатата црква „Света Софија“ во Охрид, со стручњаци од Италија, Франција и УНЕСКО. На црквата работеше од 1950-58 (Фото: СДК.МК)

    Најпрепознатливо дело во творештвото на Чипан е зградата на Македонската академија на науките и уметностите (1976 година), за која ја добива најпрестижната југословенска награда за архитектура „Борба“.

    За објектот на МАНУ, единствениот и оригинален Чипан има речено:„Залудно е да се бараат аналогии по содржина. Академијата е монумент на современата и идната македонска наука и уметност. Помислувам на тврдина и ми се чини премногу студено, шареноликата декорација на византиската црква би била демагогија. Ги отфрлам сите конкретизирани аналогии и се препушатам на нагонот кој во себе има веќе наталожено многу средби со историската архитектура. И, кога делото е завршено, откривам дека во манастирските конаци на Св. Јован Бигорски, стариот македонски мајстор создал имресивна монументалност во костен-дрво. Согледувам, чардак ни на небо ни на земја, од народните сказни“.

    Неколку пати Борис Чипан беше предлаган за редовен член на Академијата и неколку пати беше одбиван. Кога академиците решија да го примат, тој со индигнација одби и рече: „Кога сакав, вие не ме сакавте, сега сум престар за тоа“.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари