Странците нема да можат да купат домови во Нов Зеланд, одлучи Парламентот, по третото и последно читање на нацрт-законот, како мерка со цел да се справат со станбената криза во земјата.
„Оваа Влада верува дека жителите на Нов Зеланд не треба да бидат надминати од побогатите странски купувачи“, изјави министерот за финансии Дејвид Паркер.
„Без разлика дали станува збор за имот покрај езеро или океан, или пак скромна приградска куќа, овој закон гарантира дека пазарот за нашите куќи е поставен во Нов Зеланд, а не на меѓународниот пазар“, додаде Паркер.
Нов Зеланд доживува рекордни нивоа на имиграција во последниве години, што ја направи темата главно прашање на изборите.
Приливот на странци и странски инвеститори ги надува цените на пазарот на недвижнини. Цените на куќите се зголемија за 50 отсто во изминатата деценија, додека сопственоста на домовите на домашното население падна на најниско ниво во изминативе 65 години.
Лабуристичката партија на премиерката Џесинда Ардерн вети дека ќе забрани странските државјани да купуваат куќи во нејзината изборна кампања.
Според новата мерка, странските инвеститори сѐ уште ќе може да иневстираат во нови станови.
Директорката на Институтот за недвижности во Нов Зеланд, Бинди Норвел, рече дека е разочарана од новиот закон.
„Не веруваме дека забраната за странските купувачи да купуваат имот во Нов Зеланд ќе има никакво влијание врз цените на куќите, ниту ќе им помогне на младите луѓе да си купат прв дом”, рече таа.
Граѓаните и жителите на Австралија и Сингапур ќе бидат третирани исто како граѓаните на Нов Зеланд.
Новите критериуми ќе важат по два месеци откако законот ќе добие кралско одобрување.