ОДБИВАВ ДА СЕ СОБЛЕКУВАМ ПРЕД КАМЕРИ И ДА ИМАМ ЉУБОВНИ АФЕРИ СО АКТЕРИТЕ, РЕЧЕ КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ВО БИТОЛА

    ОДБИВАВ ДА СЕ СОБЛЕКУВАМ ПРЕД КАМЕРИ И ДА ИМАМ ЉУБОВНИ АФЕРИ СО АКТЕРИТЕ, РЕЧЕ КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ВО БИТОЛАБеше прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската индустрија и одигра 175 улоги, а битолчани денес беа понесени од срдечноста и непосредноста на Клаудија Кардинале, која никого не одби за фотографирање (Фото: СДК.МК)

    „Во мојата кариера одбивав да се соблекувам и пред камери да покажувам голотија, всушност, не сакав да го продавам своето тело“, рече италијанската филмска дива Клаудија Кардинале на денешниот мастерклас што се одржа во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Таа синоќа на отворањето на фестивалот ја прими Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светскиот филм.

    Запрашана дали имала љубовна афера со познатиот француски актер Жан-Пол Белмондо, со кого исто така снимала филмови, 80-годишната ѕвезда со намевска на лицето рече дека никогаш немала афера со некого со кого работела.

    За добар актер е важно додека снимаш да станеш друг, а по завршувањето на филмот да се вратиш во својот живот, рече Кардинале на мастеркласот во Битола (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    Иако беше прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската индустрија и одигра 175 улоги, битолчани денес беа понесени од нејзината срдечност и непосредност. Беше пријатна за разговор, со насмевска одговараше на прашања, не се противеше на фотографирање, а кога беа прикажувани сцени од нејзините филмови се нишаше на музиката.

    Се присети како првпат ѝ дале да запали цигара на филмска сцена, но испаднало тоа да не е тутун, туку марихуана, па се онесветила. Раскажуваше дека сестра ѝ била поубава, и повеќе ја бидувало за актерка, но со бодрењето на татко ѝ Клаудија на крај станала ѕведата. Се присети на младоста кога работела со режисерот Федерико Фелини, кога имала долги кадрави црни коси, а тој имал замисла таа да биде со светла коса, па морала на две недели да се фарба. Додека снимала со заводливиот Ален Делон рече дека сите лудувале по него и секогаш имало редица мажи и жени кои сакале да се дружат со него.

    Академскиот сликар Живко Поповски –Цветин на Кардинале ѝ подари уметнички цртеж, дел од неговата препознатлива Цветна патека на мирот, на кого беа исцртани 39 цветови, колку што години се одржува фестивалот „Браќа Манаки“ (Фото: СДК.МК)

    „Имав можност за голема кариера во Холивуд, но реков не, јас сум Европејка и би сакала да се вратам на европско тло. Не сакав да останам во Америка зашто таму сурово манипулираат со актерите“, рече Кардинале и доби голем аплауз од присутните.

    Како карактеристика која смета дека треба да ја посетува добриот актер, посочи дека е важно додека снимаш да станеш друг, а по завршувањето на филмот да се вратиш во својот живот. И на 80 години Кардинале е неуморна и вљубена во филмската уметност, па нејзиот најнов филм „Малечка убавица“ (2017) е во постпродукција.

    Академскиот сликар Живко Поповски –Цветин на Кардинале ѝ подари уметнички цртеж, дел од неговата препознатлива Цветна патека на мирот, на кого беа исцртани 39 цветови, колку што години се одржува фестивалот „Браќа Манаки“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира