СКРИЕНИОТ КОНДОВСКИ ИЗЛЕЗЕ ОД „РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН“ ВО МНТ

    СКРИЕНИОТ КОНДОВСКИ ИЗЛЕЗЕ ОД „РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН“ ВО МНТ„Уметникот за уметниците“, изложба посветена на бардот на македонското сликарство Димитар Кондовски е отворена во Македонскиот народен театар во чест на 72. роденден на МНТ (Фото: СДК.МК)

    Скриениот Кондовски, еден сосема поинаков Кондовски е исправен пред нас. Скопјанец со печати по одраните колена од Пајкомаалската калдрма, со куфери преполни семеен багаж од кои изивираат парчиња љубов, го опиша кураторката од Музејот на Град Скопје Јасминка Намичева концептот за изложбата „Уметникот за уметниците“, посветена на бардот на македонското сликарство Димитар Кондовски. Изложбата во чест на 72. роденден на Македонскиот народен театар синоќа беше отворена на првиот спрат на МНТ.

    Собирана и одбрана со голема посветеност, прецизност и љубов, со помош и соработка на сопругата на уметникот Хилдегард Кондовска, изложбата со 103 дела, слики, портрети, цртежи, сценографски скици, костимски анализи, портети го открива театарскиот и филмски свет на сонувачот пред своето време, бунтовникот и остар критичар Димитар Кондовски (1927-1993), кој разговарајќи со тишината во своето ателје донкихотовски им пркосеше на сите времиња-невремиња.

    Портретите на Трајко Чоревски, Петре Прличко, Васил Иљоски, Драги Крстевски – Амфи, Блаже Конески, Илија Џувалековски, Тодорка Кондова- Зафировска, Коле Чашуле, Димитар Ќостаров, Ана Липша -Тофовиќ, Натка Пенушлиска, Зина Креља, Мери Бошкова, Никола Мартиновски , кои сведочат за дружбите зад театарските кулиси (Фото: СДК.МК)

    Редици на уметници, кустоси, актери од сите генерации, како и студенти посветено шетаа низ портретите на Трајко Чоревски, Петре Прличко, Васил Иљоски, Драги Крстевски – Амфи, Блаже Конески, Илија Џувалековски, Тодорка Кондова- Зафировска, Коле Чашуле, Димитар Ќостаров, Ана Липша -Тофовиќ, Натка Пенушлиска, Зина Креља, Мери Бошкова, Никола Мартиновски , кои сведочат за дружбите зад театарските кулиси, за зачадените театарски бифеа, за искреноста на прегратката по бурниот аплауз на публиката, за чудесиите на сцената.

    Меѓу експонатите, кои за прв пат се изложуваат во јавноста, се цртежи нацртани на двете страни на листот.

    „Веројатно сликал на двете страни на листот во некој наплив на идеи, па немал време да станува да бара нови листови за исцртување. Така што, тие неколку цртежи кои ги одбравме ги нарековме Скриениот цртеж на Кондовски или Скриениот Кондовски. Тие се прикажани на стакло од обете страни. Тоа е нешто што не се среќава многу во начинот на прикажување на делата на уметниците. Ние ние не можевме едноставно да решиме која страна е поубава и позначајна. Затоа одлуивме да ги поставиме на стакло и најубаво да ги прикажеме двете страни“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Јасминка Намичева, една од кураторките која на проектот се потпишува заедно со Екатерина Намичева.

    Изложбата со 103 дела, слики, портрети, цртежи, сценографски скици, костимски анализи, портети го открива театарскиот и филмски свет на Кондовски (Фото: СДК.МК)

    Секако, вели таа, прикажани се неколку од огромниот број плакати, затоа што тој е всушност и првиот плакатен уметник во Македонија.

    „Покрај многуте скици, цртежи, за прв пат го прикажуваме и паралелното масло и адекватниот цртеж во молив. Така тоа е некоја паралела за она што значи Кондовски денес“, додава таа.

    Помалата ќерка на Кондовски, глумицата Марија Кондовска, ни откри дека се тресе од возбуда бидејќи за првпат во животот присуствува на изложба на нејзиниот татко, кој почина пред 24 години.

    „Поради одредени околности, семејни, дете и слично никогаш не сум била на изложбите. Првпат доаѓам и благодарение на Јасмина јас се тресам целата. Со месеци и месеци таа заедно со мајка ми, која внимателно ги чува сите ливчиња, секој проблем го пеглаше со необјаснива кроткост, мудрост и визионерство“, вели Кондовска.

    Димитар Кондовски е брат на легендарната Тодорка Кондовска-Зафировска, првата театарска режисерка во Македонија. За тоа каков бил односот на татко ѝ со уметниците, Марија вели дека тој израснал со нив.

    Кондовски го викаше театарот дом (Фото: СДК.МК)

    „Со неговата сестра Тодорка заедно студирале во Белград, цела младост ја поминуваат таму, растат и живеат во сликарската академија и на театарската академија. Со сестра му постојано се дружеле со уметници од сите области. Во тоа време, уметниците навистина многу се сакаа и се дружеа “, потенцира Кондовскa и додава „Благодарение на Јасминка, ние сонуваме за сериозна изложба на татко ми“.

    Во топлиот и инспиративен говор на отворањето, Јасминка истакна: „ Многумина би упатиле добронамерни забелешки, која е оваа дрскост да се поставува изложба на уметник од калибарот на Кондовски во простор кој не е галериски, простор кој несоодветно ги осветлува делата, несоодветно простран и скушен, надвор од музејските стандарди. Но, не заборавајте, ние сме во куќата на волшепствата, куќа која Кондовски ја нарекуваше дома, а по дома не ви пречат ќошињата“, рече таа.

    „Оваа изложба е срцевината на нашата Ноева арка и затоа ве препуштам да ја искористите ретката можност да го потрошите своето време за да си пошепотите со Димче Кондовски на Ти“, порача Намичева.

    Осумдесет и девет годишниот историчар на уметност, експерт за средновековна уметност и поранешен дипломат Коста Балабов, пријател и собеседник на Кондовски, за својот другар се сеќава како на исклучителен сликар, со интелигентна мисла и реченица, на соговорник за сите области и теми.

    „Димче беше голем сликар, не прифаќаше сугестии, но ќе ви раскажам една наша случка од 1950-тите- 60 тите години. Министерството за култура му нарача да наслика икона на Светите Кирил и Методиј по повод честувањето на 24 Мај. По некое време Димче ме повика во ателјето да ја видам сликата, и кога забележувам дека на Кирил и Методиј им насликал црвени обувки. Му кажав дека во средновековната уметност само Богородица смее да носи црвени чевли. Димче ме погледна и помолчи. По неколку дена ми се јави да ми каже дека им ја сменил бојата на обувките. Не сакаше многу критики, но ете ме послуша“, ни раскажа Балабанов.

    Изложбата се отвори како дел од збирката на Музејот на МНТ, а ќе трае до 19 април (Фото: СДК.МК)

    Од мноштвото сеќавања на деновите со големиот уметник, Балабанов ја издвои и приказната со дрвените даски од Света Гора. Во 1966 година, како вљубеник во средновековната уметност, Балабанов заминал за Света Гора, каде ги истражувал монасите како ги цртаат иконите и забележал дека работат и на дрвени даски. Од таму на Кондовски му донел неколку парчиња даски кои не им требале на монасите, и така вели тој „Димче почна да слика на дрвена подлога од кои потоа направи цела плејада на прекрасни дела“. Балабанов додава дека исто така интересно кај Димче му било што во ателјето, во ниеден момент не ја оставал четката.

    „Седевме со саати, разговаравме, пиевме чај кафе, и во ниту еден момент не го оставаше делото. Ќе слика, слика, па ќе дојде до мене ред муабет, па пак назад и така по цели денови“, раскажа Балабанов.

    Во каталогот се наведени сите дела и во чија сопстевност се. Изданието отвора со сценографска скица бр. 1 за операта „Кнез Игор“ на МНТ од 1975, а завршува со плакатите за филмовите „Денови на искушение“ (1965) и „Републиката во пламен“ (1955).

    Изложбата се отвори како дел од збирката на Музејот на МНТ, а ќе трае до 19 април.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира