Со сладоледи и прскање со вода се разладуваат животните во скопската Зоолошка градина. Изминативе две недели во Скопје имаше високи температури, а минатата недела земјава беше во жолта фаза. Температурите и до 40 степени беа тешки за животните, па затоа зоо негувателите во градината посебно внимание посветуваат на разладувањето.
Секое утро, денот во Зоолошката градина почнува со прскање и освежување со вода не само на живеалиштата туку и на патеките и со подготвување на ладни десерти за животните.
„Тигрите јадат сладолед од замрзнато месо, лемурите и патасите здрави сладоледи со цвекло, аронија и сончоглед, шимпанзата сладолед од сливи, банани и зеленчук. За морските лавови подготвуваме замрзнати топки со нивните омилени риби, а разладени лубеници се омилен десерт за нилскиот коњ и мајмуните“, вели Тина Мицковска, портпаролка на скопската Зоолошка градина.
Постојано се разладува водата во базените на нилскиот коњ и морските лавови, а слониците Дуња и Даела секое попладне се прскаат со вода и, како што велат негувателите, уживаат во тоа. Фламингата исто така се разладуваат во базенот кој е дел од нивното живеалиште.
Од пред две недели, во Зоолошка градина нови жители се три алпаки и две двогрби камили. Негувателите велат дека иако дошле во Скопје кога температурите се високи тоа не им пречи во прилагодувањето на средината, бидејќи овие животни се карактеристични за централноазиските степи и пустини.
А. АНТЕВСКА