ЗА МИКС НА ЛАЖЕН ВЕРСАЈ И КРЕМЉ ПОТРОШЕНИ 5,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ВЛАДИНИОТ БЕЛ ДВОРЕЦ

    ЗА МИКС НА ЛАЖЕН ВЕРСАЈ И КРЕМЉ ПОТРОШЕНИ 5,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ВЛАДИНИОТ БЕЛ ДВОРЕЦЕдна од највпечатливите простории е во делот на кабинетот на премиерот, голема просторија со бели неокласични столбови, бел мермерен под и стаклен таван од непробојно стакло (Фото: СДК.МК)

    Бројни неокласични столбови, огледала, луксузни мермерни подови и дрвен паркет декориран како интарзија, гримизно црвени теписи, масивни кристални лустери, класичен мебел во кожа и длаборез се главните елементи на новиот ентериер на Владата на Република Македонија, за што претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра.

    Дрвен паркет декориран како интарзија, гримизно црвени теписи, масивни кристални лустери се дел од ентериерот (Фото: СДК.МК)

    Владината зграда е изградена во 1970 и беше еден од најдобрите примери на македонската модерна архитектура. Со реновирањето, модерната и во ентериерот е заменета со лажен неокласичен микс на Версај и Кремљ  што го одобри Груевски и во кој тој работеше со својот тим до оставката на 15 јануари, 2016.

    Кабинетот на премиерот (Фото: СДК.МК)

    Денеска, внатрешноста на Владата за првпат беше отворена за јавноста по тригодишното реновирање. Не е познато каде отиде стариот мебел кој беше во стилот на модерната од 1970-те.

    Покрај неокласичните столбови кои се главен елемент на ентериерот, забележливо е и спуштањето на таваните во сите простории, како и изведбата на свод како на купола во свечената сала (Фото: СДК.МК)

    Внатрешното реновирање беше дел од промената на фасадата на владината зграда, како дел од проектот „Скопје 2014“ што чинеше 16 милиони евра, а за оградата од ковано железо се потрошени 700.000 евра. Промената на надворешниот изглед на Владата почна во 2011,  без согласност за изведба на проектот од оригиналниот автор на објектот Петар Муличковски.

    Масивните кристални лустери се едно од главните обележја на внатрешноста (Фото: СДК.МК)

    Севкупно, според податоците на Бирото за јавни набавки, за промената на фасадата, ентериерот и оградата владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски потрошила 21,9 милиони евра.

    Место за оставање мобилки (Фото: СДК.МК)

    Половина час пред почетокот на денешната прва седница на новата Влада на чело со Зоран Заев, новинарите добија можност да го разгледаат ентериерот на зградата. Отворени беа и трите главни влеза од оградата на владината зграда, за која Заев најави дека ќе се бара законско решение и мислења од архитектите и од инженерите, како таа да биде отстранета или преправена, најверојатно во клупи и стреи.

    (Фото: СД.МК)

    Новинарите ја посетија свечената реновирана сала за прием на делегации и за билатерални средби, кабинетот на министерот без ресор Едмонд Адеми, како и кабинетот на премиерот.

    Една од највпечатливите простории е во делот на кабинетот на премиерот, голема просторија со бели неокласични столбови, бел мермерен под и стаклен таван од непробојно стакло.

    Портретите на премиерите Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев се поставени на ѕидот пред влезот кој води во кабинетот на премиерот (Фото: СДК.МК)

    Покрај неокласичните столбови кои се главен елемент на ентериерот, забележливо е и спуштањето на таваните во сите простории со гипсана декорација, како и изведбата на своден таван како на купола во свечената сала. Овој детаљ е необичен оти според оригиналниот проект просториите во објектот е четвртасти, а архитектите сметаат дека е изведен на сметка на голема загуба на простор, за да се симулира грандиозност.

    Новиот премиер Зоран Заев ги прошета новинарите низ внатрешноста на Владата што преходникот Никола Груевски ја смени од модерна во квазибарок (Фото: СДК.МК)

    Последен пат јавноста можеше да влезе во владината зграда во 2014, кога владата на  Груевски ја организираше манифестацијата  Црвен тепих за граѓаните.

    Во новиот ентериер на владината зграда, има и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно. Портретите на Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев се поставени на ѕидот пред влезот кој води во кабинетот на премиерот.

    Шест од портретите се вертикални и се со иста големина, а  видно поголем од другите и единствен хоризонтален е оној на Груевски, на кој е насликано и македонско знаме.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира