10 ДЕНА ПРЕД ДУРЛОВСКИ ДА ГИ ИСПРАТИ НАСИЛНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕ ДА МИ ЈА РАСЦЕПАТ ГЛАВАТА, НА ЌЕРКА МУ Ѝ ЧИТАВ ПРИКАЗНА, КАЖА ШЕКЕРИНСКА

    10 ДЕНА ПРЕД ДУРЛОВСКИ ДА ГИ ИСПРАТИ НАСИЛНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕ ДА МИ ЈА РАСЦЕПАТ ГЛАВАТА, НА ЌЕРКА МУ Ѝ ЧИТАВ ПРИКАЗНА, КАЖА ШЕКЕРИНСКА„Ние сме луѓе дури и со нелуѓе. Не ја гледам мојата крв на неговиот образ“, кажа Шекеринска на завршниот митинг во Битола. Архивска фотографија од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.(Фото: СДК.МК)

    Десет дена пред Игор Дурловски да ги испрати насилниците во Собранието, мојата и неговата ќерка ми седеа во скут и им читав приказна, кажа носителката на листата на СДСМ во петтата изборна единица Радмила Шекеринска вечерва во Битола. На завршната средба со граѓани пред почетокот на изборниот молк, Шекеринска кажа дека нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица Игор Дурловски, ниту еднаш не се појавил на предизборните дебати за да можат да се соочат пред граѓаните за нападот на Собранието на 27 април 2017 година, кога тој беше еден од водачите на „За заедничка Македонија“.

    „Да дојдеше Дурловски на дебата, немаше во него да ја гледам мојата расцепена глава на 27 април, ниту нашата крв на неговиот образ. Ќе го гледав ликот на мојата и неговата ќерка кои десетина дена пред тоа ми седеа во скут, а јас им читав приказна. Десет дена пред да ги испрати насилниците во Собрание. И кога ќе ги погледнев нивните лица ќе помислев дека тие две ќерки заслужуваат повеќе. Заслужуваат добрина, а не насилство и омраза. Заслужуваат човечност, не одмазда. Затоа не сме исти. Ние сме луѓе дури и со нелуѓе“, кажа Шекеринска.

    Вечерва на полноќ почнува изборниот молк за предвремените парламентарни избори. Утре ќе гласаат позитивните на КОВИД-19 и лицата во изолација, а во вторник правото на глас ќе го остварат болните и изнемоштените. В среда, кој е прогласен за неработен ден, избирачките места ќе бидат отворени до 21 часот.

    Парламентарните избори в среда се десетти по ред. Се одржуваат под посебни протоколи и мерки за заштита од коронавирусот. Гласачите на избирачките места мора да носат заштитни маски и да ги дезинфицираат рацете пред и после гласањето.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира