14 ЗАБОЛЕНИ СО КОВИД-19 ОД СВАДБА ВО СКОПЈЕ НЕ ГИ ДАВААТ КОНТАКТИТЕ

    14 ЗАБОЛЕНИ СО КОВИД-19 ОД СВАДБА ВО СКОПЈЕ НЕ ГИ ДАВААТ КОНТАКТИТЕВо цела земја имаме повеќе од 40 големи кластери, а само во Скопје се 20. Тоа се кластери мекици во Охрид , слава во Ресен, свадба во Скопје, ифтарски вечери и масовни погреби. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Во Скопје има 20 големи кластери од прослави и собири, а во цела земја 40, кажа директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова. Сите овие кластери се настаните после 24 мај кога беа олабавени рестриктивните мерки и отворени угостителските објекти. Голем број од заразените од овие кластери не ги даваат контактите, кажуваат грешни податоци или пак одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација.

    „Од 24 мај кога се олабавени рестриктивните мерки се зголемува бројот на позитивни пациенти и тоа е огледало на нашето однесување изминатиот период. Во цела земја имаме повеќе од 40 големи кластери, а само во Скопје се 20. Тоа се кластери мекици во Охрид , слава во Ресен, свадба во Скопје, ифтарски вечери и масовни погреби“, рече Сотирова-Бухова и дополни дека полицијата требала сите овие големи прослави да ги спречи. „Не можам да поверувам дека полицијата не ги забележала овие настани“, вели таа.

    Од кластерот „свадба во Скопје“ досега позитивни се 14 лица, но никој од нив како што вели Бухова не сака да даде контакти кои лица биле на свадбата и со кого имале контакти изминатиот период.

    „На свадбата имало околу 100 гости, а немаме ниту еден контакт. Многу тешко успеваме да добиеме информации, ни кажуваат имиња и презимиња со неколку букви различни, непостоечки телефонски броеви и електронски адреси, грешни домашни адреси. Кога инспекторите ќе отидат да однесат решенија за изолација луѓето не ни отвораат врата и одбиваат да ги земат решенијата“, додава Бухова.

    Досега се издадени над 14.000 решенија за изолација. Од нив, 8.000 решенија се за изолација врз основа на контакти со позитивен, 3.000 се за домашно лекување и 3.000 за повратници од странство со направен корона тест.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари