273 ЗАТВОРЕНИЦИ ВРАТЕНИ ОД ГЛАСАЊЕ ОТИ ИМ ИСТЕКЛЕ ЛИЧНИТЕ КАРТИ

273 ЗАТВОРЕНИЦИ ВРАТЕНИ ОД ГЛАСАЊЕ ОТИ ИМ ИСТЕКЛЕ ЛИЧНИТЕ КАРТИВо најголемиот затвор Идризово во Избирачкот список се запишани само пола од затворениците, а од нив во првиот круг на локалните избори гласале само 423, оти Управата не води сметка да им ги обнови личните карти (Фото: СДК.МК)

Од вкупно 1.810 осудени лица во најголемиот затвор Идризово, во Избирачкиот список запишани се само 955 затвореници. Од нив, на гласање во првиот круг на локалните избори на 15 октомври дошле 696, од кои дури 273 биле вратени, зашто немале важечки лични карти, алармира Народниот правобранител Иџет Мемети.

Гласале само 423 затвореници.

Овие лица се претворени во фантоми, затоа што Управата на затворот Идризово не води сметка да им ги обнови личните карти, реагира Омбудсманот.

„Кога ќе дојдат на издржување на затворските казни, осудените лица личните карти ѝ ги оставаат на Управата. Таа им ги чува, додека се во затвор. Нивен документ за идентификација станува затворската легитимација што ја добива секое осудено лице. Со затворската легитимација тие гласаат. Но, што се случува? Место да ги известува Управата кога изминува рокот на личните документи на секој од затворениците, таа не го прави тоа. Воопшто не им помага да си ги обноват личните карти. Затоа, половината од нив не се запишани во Избирачкиот список, а и на тие што се запишани, во меѓувреме им истекол рокот, па ги враќаат од гласање“, вели Зоран Билбиловски, советник на Народниот правобранител.

Тој потсетува дека десет пати пред изборите Мемети ја повикал Управата да организира да дојде во затворот мобилна екипа од МВР и да ги фотографира осудените лица со истечен рок на личните карти во еден ден. Но, досега, нема позитивна реакција од Управата, вели Билбиловски.

С. К. ДЕЛЕВСКА

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари