Седумдесет отсто од новите случаи на ковид-19 се заразени со британскиот сој на ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека направената анализа покажува шириње на британската мутација на вирусот во земјава.
„Ќе ја следиме ситуацијата деновиве, да видиме дали е мини бран, по што ќе се знае дали ќе се препорачаат дополнителни рестриктивни мерки за одредени реони или за цела држава. Поради топлото време луѓето се опуштија, не носат маски при движење на отворено и не се одржува дистанца“, рече Филипче.
Филипче ниту денеска не кажа кога во земјава ќе стасаат кинеските вакцини и оние од дирекната спогодба со компанијата „Фајзер“, со што би почнала вакцинацијата на населението.
„Мислам дека за кинеската и фајзеровата вакцина сме во последните денови кога се финализираат последните прашања, но дозволете ова да биде со резерва бидејќи многупати така сметавме па излегуваше дека производителот има дополнителни прашања. Го потишавме договорот за руската вакцина и рускиот амбасадор во земјава се заложи да помогне процесот да се забрза“, рече Филипче.
Досега во земјава со вакцината на „Фајзер“ добиена од Србија се вакцинирани 2.000 здравствени работници.
А. АНТЕВСКА