АФРИМ ГАШИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО, АПАСИЕВ ГО ОБВИНИ МИЦКОСКИ ДЕКА Е МАЛО МАЧЕ КОЕ МЈАУКА И ГИ ИЗЛАЖА ГЛАСАЧИТЕ ДЕКА НА ТОА МЕСТО ЌЕ СЕ ВРАТИ МАКЕДОНЕЦ

    АФРИМ ГАШИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО, АПАСИЕВ ГО ОБВИНИ МИЦКОСКИ ДЕКА Е МАЛО МАЧЕ КОЕ МЈАУКА И ГИ ИЗЛАЖА ГЛАСАЧИТЕ ДЕКА НА ТОА МЕСТО ЌЕ СЕ ВРАТИ МАКЕДОНЕЦОткако беше избран, Гаши вети дека приоритетна за него ќе биде слободата на изразувањето во Собранието и да може секој пратеник да го искаже мислењето што го застапува. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Африм Гаши од Алтернатива за Албанците, со 76 гласа „за“ и шест од Левица „против“, е избран за претседател на Собранието. Тој беше единствен кандидат за спикер, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и од Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ на Максим Димитриевски.

    Откако беше избран, Гаши вети дека приоритетна за него ќе биде слободата на изразувањето во Собранието и да може секој пратеник да го искаже мислењето што го застапува.

    Претходеше жестоко негодување од Левица на предлогот Гаши да биде претседател, зашто според партијата, не застапува асномски идеали за Македонците, Албанците, Турците, Србите и останатите заедници во мултинационална Македонија, туку е „необалист и македонофоб“.

    Но, акцентот на говорот на лидерот на Левица Димитар Апасиев и на петтемина други сопартијци беше, според нив, предавството и лагата на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, која на 27 април 2017 поради првиот претседател Албанец на Собранието Талат Џафери поведе хулигани, а ги изманипулира и граѓаните насилно да влезат, да испотепаат пратеници од СДСМ и од Алијанса за Албанците, како и новинари, и да го искршат Собранието.

    Апасиев кажа дека ова лажење граѓаните нема да им го простат на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, за кои кажа дека сега се мачиња, по што им кажа „мјаууу“ од собраниската говорница.

    Амар Мециновиќ од Левица кажа дека ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници дозволува партија со два пратеника да го води Собранието. На Јована Мојсоска од Левица ѝ беше исклучен микрофонот зашто место ВМРО-ДПМНЕ, кажа ВМРО Врховистичка. Таа посочи дека со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ ја дава втората најважна функција во државата на коалицијата „Вреди“ која ја застапува Приштинската платформа.

    Таа ги повика Бетмен велит, Игор Дурловски и другите да дојдат да пејат во Собранието за Македонија, како што пееја на 27 април 2017 година при организираниот напад на Собранието.

    ВМРО-ДПМНЕ немаше суштински реплики, некои од пратениците ги редеа спомениците кои наводно беа уништени во Шарената револуција во која учествуваше Апасиев.

    Апасиев денеска не пропушти да му влепи на Мицкоски и за непотизмот – татко му професор, а тој негов асистент. За себе кажуваше: „Јас како професор по право и неасистент на својот татко…“.

    Мицкоски пред да влезе во Собранието, потсети на изјава на бивш член од Левица дека „тоа биле група од џанаци“. А од собраниската говорница, по жестоките критики од Апасиев и петтемина пратеници, кажа дека шансата за добро однесување Левица ја пропуштила кога го одбила повикот за национално помирување пред парламентарните избори и кога во вториот круг од Претседателските избори одлучиле да го бојкотираат изборот на Гордана Сиљановска-Давкова за претседателка на државата. Рече дека очекува уште егзибиционистички изјави од нив и им се извини на граѓаните за однесувањето на Левица.

    Техничкиот премиер Талат Џафери, кој е избран и за пратеник во Собранието, на Конститутивната седница најави дека ќе ја извршува премиерската функција до изборот на новата Влада, и до тогаш нема да учествува во работата и одлуките на Собранието. Притоа Џафери, се повика на Уставот, законите и досегашните пракси.

    Во новиот состав на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, пред СДСМ и ДУИ со по 18, Вреди со 14 и Левица и ЗНАМ со по 6.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира