АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ Ѝ ОДГОВОРИ НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ДЕКА НЕМАЛА ИНФОРМАЦИИ ЗА КОНТАКТИ НА ПОЛИТИЧАРИ ИЛИ МЕДИУМИ СО СОПСТВЕНИКОТ НА СРПСКАТА АЛТА БАНКА

    АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ Ѝ ОДГОВОРИ НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ДЕКА НЕМАЛА ИНФОРМАЦИИ ЗА КОНТАКТИ НА ПОЛИТИЧАРИ ИЛИ МЕДИУМИ СО СОПСТВЕНИКОТ НА СРПСКАТА АЛТА БАНКАДиректорката Јаковлева рече дека Не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв поврзано со ‘Алта банка’ - (Фото:Принтскрин Собрание)

    Агенцијата за разузнавање немала конкретни информации за контакти на лица од Македонија со сопственикот на „Алта банка“ АД Белград, Давор Мацура, па не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв во врска со банката, рече директорката Габриела Јаковлева на денешната надзорна расправа во Собранието за случајот „Алта банка“ АД Скопје.

    На расправата, пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска ја праша Јаковлева дали Агенцијата има сознанија за контакти на лица од политички, деловни или медиумски кругови со Мацура.

    „Дали Агенцијата има сознанија, потврдени или непотврдени, за контакти на лица од нашата држава поврзани со политички партии, бизнис или медиумски кругови, кои во текот на оваа година директно или преку посредници оствариле контакт со Давор Мацура во врска со ‘Алта банка’“, праша Петровска.

    Таа праша и дали, пред случајот да стане предмет на јавна дебата, Агенцијата имала сознанија за можни безбедносни ризици, нарушување на политичката и економската стабилност или можни трансакции кон земји кон кои Македонија има воведено санкции, како и дали за тоа биле известени Владата или други надлежни институции.

    Јаковлева одговори дека Агенцијата нема конкретни информации за контакти на одредени лица со Мацура.

    „Во моментот немавме информации кои ги споделивме до државниот врв. Пред да се споделат одредени информации, следи сериозна фаза на нивна евалуација, задолжителна проверка на нивната точност и веродостојност, како и оцена на релевантноста на изворите. Не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв поврзано со ‘Алта банка’“, рече Јаковлева.

    На истата надзорна расправа, премиерот Христијан Мицкоски зборуваше за деловни односи меѓу претходната македонска влада и „Алта банка“ во 2023 година. Тој рече дека на владина седница било разговарано и дадено овластување на државниот правобранител да ги отуѓи акциите во сопственост на државата.

    Мицкоски наведе дека на седницата присуствувале тогашниот премиер Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби и министрите Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, Бујар Османи, Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Славјанка Петровска, Јована Тренчевска и Љупчо Николовски. Поради тоа, рече тој, политичката опозиција има најмалку право да зборува и да конструира за денешните случувања.

    Веднаш потоа претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција во Собранието презентираше документи со кои ги оспори тврдењата на премиерот дека Владата предводена од СДСМ во 2023 година дала овластување за продажба на државните акции во белградската „Алта банка“. Тој рече дека во документот што го покажувал Мицкоски на расправата нема ниту збор за одобрување продажба на акциите или за воспоставување деловни односи со „Алта банка“.

    Филипче, заедно со пратеничката група на СДСМ и коалицијата, потоа покажа записник од владина седница, за кој рече дека има поинаква содржина од онаа што ја претставил Мицкоски. Според Филипче, Владата во 2023 година не дала согласност за продажба на акциите или за воспоставување деловни односи со банката, туку побарала ангажирање на Државното правобранителство за заштита на државните интереси.

    Тој објасни дека станува збор за акции во белградската „Алта банка“ кои му припаѓале на македонското Министерство за финансии по основ на сукцесијата од поранешна Југославија. Според него, Мацура побарал да ги откупи, но во 2023 година не добил согласност од тогашната Влада.

    Откако Мацура се стекнал со над 90 проценти од акциите во банката, рече Филипче, преостанатите македонски акции биле откупени по автоматизам, без согласност на Министерството за финансии, согласно српскиот закон и правилата на Белградската берза.

    Според документот што го презентираше Филипче, на седницата од 24 октомври 2023 година Владата донела заклучок да се ангажира Државното правобранителство, да стапи во комуникација со српските институции и да ја застапува државата пред органите во Србија, со цел да се заштити државниот интерес во врска со малцинските акции откупени без согласност.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира