АКО ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ГЛУПИРАМЕ, ПАК ЌЕ ГИ ПРЕПОЛНИМЕ БОЛНИЦИТЕ И ЌЕ ПЛАЧЕМЕ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СТИГНЕ ДО ЛЕКАР, ПРЕДУПРЕДУВА ЕПИДЕМИОЛОГОТ АЛЕКСАНДАР СТОЈАНОВ ОД ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

АКО ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ГЛУПИРАМЕ, ПАК ЌЕ ГИ ПРЕПОЛНИМЕ БОЛНИЦИТЕ И ЌЕ ПЛАЧЕМЕ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СТИГНЕ ДО ЛЕКАР, ПРЕДУПРЕДУВА ЕПИДЕМИОЛОГОТ АЛЕКСАНДАР СТОЈАНОВ ОД ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕЕдна Шведска што ја фалат сите дека со либерален пристап ја решава кризата ги ограничи собирите на 50 души, а кај нас им дошло до трчање и до пеење на школка, вели епидемиолот Александар Стојанов. (Фото: СДК.МК)

Во Комисијата за заразни болести не се размислува, туку дефинитивно мора да има нови рестрикции, бидејќи е очигледно дека мерките против ковид-19 што се оставени на совест на граѓаните не се почитуваат, вели директорот на Центар за јавно здравје Скопје, д-р Александар Стојанов. Тој предупредува дека ако се продолжи со непочитувањето на мерките, болниците ќе се преполнат со болни од ковид-19 и граѓаните пак ќе се жалат дека не може да се стигне до лекар.

„Каде што се почитуваат мерките, нема ширење, но каде што не се почитуваат се шири и епидемиолозите не можат да постигнат со анкетите, бидејќи веќе не се знае кој од кого се заразил. Шест месеци ги убедуваме луѓето да ги почитуваат мерките. Повеќето не ги почитуваат, а тие што ги почитуваат страдаат од оние што не ги почитуваат. Една Шведска што ја фалат сите дека со либерален пристап ја решава кризата ги ограничи собирите на 50 души, а кај нас им дошло до трчање и до пеење на Школка во парк. Ќе почитувале дистанца, а кој ќе ги проверува? Вечерва ќе цупкаат во Дебар Маало, а утре ќе плачат дека не можат до лекар да стасаат. Не знам кого лажат дека протоколите се почитуваат, дека музиката ќе стои пет метри од масите, а гледаме дека музиката оди по маси. Со цупкање во Дебар Маало го оптоваруваме здравствениот систем и тој многу лесно може да падне“, вели епидемиологот Стојанов.

За средношколците кои протестираат и бараат да се вратат во училиште, Стојанов вели: „А бе, ќе ве пуштиме во школо, ама ќе ги наполниме болниците, кај ќе ве ставиме после? Небаре ние да не знаеме дека треба да се учи, зарем треба некој да нè убедува дека треба да се учи, ние демек сме ненаучени и не почитуваме наука“.

Тој објаснува дека не може да се отворат школите, затоа што не може да се запре ширењето од јавните собири, а како позитивен пример тој ги наведе градинките, за каде што вели дека е строго и доследно се почитуваат мерките.

„Не можеме да го заживееме стопанството, ако пак ги затвориме градинките. Кој ќе доаѓа на работа? Во градинките се почитуваат мерките, бидејќи е строго и таму немаме ширење на коронавирусот меѓу децата, туку децата го носат од дома“, вели Стојанов.

Тој вели дека би било убаво да функционира животот како што беше пред коронавирусот, ама ако нема превенција не може да функционира.

„Едноставно е: дистанца, маски и миење раце. Кај нас нема ни дистанца, ни маски, а за миење раце сами си знаат“, вели Стојанов.

Во однос на рестрикциите, Стојанов вели дека засега се размислува за мерки за угостителските објекти, културните и спортските настани и меѓуградскиот превоз.

„Ќе видиме што може да се скрати. Да го скратиме работното време на кафаните и пак да се редуцираат културни, спортски и други настани. Повторно се разгледува воведување рестрикции во меѓуградскиот превоз бидејќи се возат без маски и по 50 души. Ако Париз го скрати работното време на кафаните, а станува збор за еден од најтуристичките градови во светот и ако Шпанија воведе карантин во неколку градови, вклучувајќи го и Мадрид, тогаш веројатно и ние ќе можеме да се воздржиме од цупкање, пеење и гушкање’, се надева Стојанов.

Во Париз, од понеделникот е ограничено работното време на рестораните и кафулињата до 22 часот, поради влошување на епидемиолошката состојба, а од следната недела е можно и нивно целосно затворање. Во Мадрид се воведени строги ограничувања на движењето на граѓаните од минатата недела.

Вчера во Македонија беа регистрирани 225 новозаболени од ковид-19 од 1.694 тестови, што е највисока бројка во земјава од почетокот на коронакризата.

М. ИЛИОСКИ


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира