АКО СЕГА ПОЧНЕМЕ НОВИ ПРЕГОВОРИ СО ГРЦИЈА РИЗИКОТ ЌЕ БИДЕ ГОЛЕМ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ

    АКО СЕГА ПОЧНЕМЕ НОВИ ПРЕГОВОРИ СО ГРЦИЈА РИЗИКОТ ЌЕ БИДЕ ГОЛЕМ, РЕЧЕ ДИМИТРОВПратеникот на ГРОМ Панче Минов предложи употребата во меѓународни организации на името Северна Република Македонија да се применува по ратификација на спогодбата во Парламентот на Грција и ратификација на пристапните преговори за членство во НАТО во сите земји членки на Алијансата. За внатрешна употреба, прифаќањето на новото име да важи по финализирање на сите поглавја со Европската унија во рок од 5 години (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ако сега отвориме нов процес на преговори со Грција, а по 27 години едвај ги врзавме двете страни, ризикот да ја испуштиме оваа шанса ќе биде огромен, одговори министерот за надворешни работи Никола Димитров на предлогот на пратеникот на ГРОМ Панче Минов да се предложат нови рокови за имплементација на новото име.

    „Употребата во меѓународни организации на името Северна Република Македонија да се применува по ратификација на спогодбата во Парламентот на Грција и ратификација на пристапните преговори за членство во НАТО во сите земји членки на Алијансата. За внатрешна употреба, прифаќањето на новото име да важи по финализирање на сите поглавја со Европската унија во рок од 5 години, предложи Минов.

    „Ни лидери ни свети лидери не ми требаат за да застанам зад интересите на својата држава. Географската одредница Северна, од нас нема да направи нови луѓе“, рече Димитров во репликата до Минов.

    Минов  рече дека неговиот предлог е услов да гласа за уставните измени, во спротивно ќе гласал против.

    Во Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, сега се предвидува имплментацијата на новото име за внатрешна употреба да се направи 5 години по почеток на пристапните преговори со ЕУ.

    Пратеникот на ДУИ, Артан Груби ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се надминат себеси и да гласаат „за“. Груби рече дека за ДУИ помирување е можно само во Брисел и се огради од говорот на  колегата Бранко Манојловски, кој даде поддршка за амнестија објаснувајќи дека тоа е поевтина варијанта за државата од затворот.

    „Да се помириме дека нема друг пат освен ЕУ и НАТО“, кажа Груби.

    Од дискусија се откажаа и другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

    На листингот е само името на Нола Исмаилоска Старова која не е во Собранието. Во Собранието сега пристигна и премиерот Зоран Заев. Расправата за предлогот за пристапување кон уставни измни се очекува да трае до петок. За дискусија останати се уште 24 пратеници.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира