АКО ТРЕБА ЌЕ ИМА И ЛИДЕРСКА СРЕДБА СО ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈО, ОТИ ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГО ЗАТВОРА ИЗВЕШТАЈОТ НА 29 МАЈ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    АКО ТРЕБА ЌЕ ИМА И ЛИДЕРСКА СРЕДБА СО ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЈО, ОТИ ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГО ЗАТВОРА ИЗВЕШТАЈОТ НА 29 МАЈ, РЕЧЕ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан на Виенскиот економски форум (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев најави дека ако е потребно ќе има и лидерска средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да се најде решение за Законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), бидејќи има уште 10-12 дена до рокот кога Европската комисија го затвора извештајот за земјава. Тој ова го најави од Виенскиот економски форум и рече дека заедно со министерката за правда Рената Дескоска и со неговите тимови ќе се обидат да најдат решение со опозицијата за законот за СЈО.

    „Европската комисија извештајот го затвора на 29 мај, дотогаш преговараме со опозицијата. Едниот закон е Законот за безбедносните служби, другиот закон е Законот за специјалното јавно обвинителство. Драго ми е дека во парламентот се придвижуваат работите за Законот за безбедност и разузнавачки служби и усогласено со опозицијата верификувано со НАТО комисиите кои работеа со нас. Овие денови и јас и министерката за правда и моите тимови заедно со претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, ако треба и до лидерска средба ќе дојде, за да направиме сè што треба и овој закон да го заокружиме. Тоа е тој квалитативен период што го имаме од 10-12 дена, до почетокот на јуни“, рече Заев.

    Тој рече дека на билатералната средба со еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан разговарале за очекувањата ова лето да добиеме датум за преговори со ЕУ и дека и двајцата биле оптимисти по тоа прашање.

    „Секако треба да завршат изборите за Европскиот парламент, за да може да ги знаеме ставовите на Франција и Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите, онака како што очекуваме, оти заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа. Очекуваме позитивен фидбек од Европската комисија и ЕУ за добивање датум за преговори“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира