АКО ВМРО-ДПМНЕ НЕ ЈА ГЛАСА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ТОГАШ НИВНИТЕ МИНИСТЕРСКИ МЕСТА ЌЕ БИДАТ ПРАЗНИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    АКО ВМРО-ДПМНЕ НЕ ЈА ГЛАСА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ТОГАШ НИВНИТЕ МИНИСТЕРСКИ МЕСТА ЌЕ БИДАТ ПРАЗНИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИКовачевски вели дека никаде во светот не постои пример каде партија учествува во влада, а не ја поддржува, односно не ја гласа.(Фото: СДК.МК) 

    Премиерот Димитар Ковечевски смета дека ВМРО-ДПМНЕ нема да има министри во техничката влада ако не ја гласа. Вели дека никаде во светот не постои пример каде партија учествува во влада, а не ја поддржува, односно не ја гласа.

    „Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Ако не гласа, сметам дека тие места треба да останат празни. Новиот мандатар да предложи влада во која местата кои ѝ следуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи владата, мандатарот може да предложи тие министри да бидат изгласани“, кажа премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по осветувањето на водите на Вардар и положувањто на светиот крст во Скопје.

    ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи свои кадри за техничката влада, но ќе гласаат воздржано, бидејќи не се согласуваат технички примиер да биде Талат Џафери.

    Телевизија Клан објави дека пратениците од ДУИ нема да ги поддржат предлозите за министри на ВМРО ДПМНЕ ако од опозициската партија не гласаат за техничката влада и за Талат Џафери како технички премиер.

    Наредната недела, Џафери треба да поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието, а на негово место да биде избран координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Техничката влада треба да биде избрана 100 дена пред изборите, односно до 28 јануари.

    Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателски избори. Првиот круг за избор на претседател на државата ќе биде на 24 април.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира