АВСТРИЈА ЗАСИЛЕНО РАБОТИ ДА СЕ ПОСТИГНЕ КОНСЕНЗУС ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ, ВЕЛИ АВСТРИСКИОТ АМБАСАДОР ВО СКОПЈЕ ГЕОРГ ВУЦАС

    АВСТРИЈА ЗАСИЛЕНО РАБОТИ ДА СЕ ПОСТИГНЕ КОНСЕНЗУС ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ, ВЕЛИ АВСТРИСКИОТ АМБАСАДОР ВО СКОПЈЕ ГЕОРГ ВУЦАСАвстрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас. (Фото: Фејсбук на Австриска амбасада)

    Австрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не е точно оти Австрија денеска или вчера го блокирала усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, туку дека земјата засилено работи  да се постигне консензус во Советот што поскоро, и ги поздравува досегашните напорите на Германското претседателство во Советот за оваа цел.

    „Австрија смета дека ЕУ нема да биде комплетна без Западен Балкан. Така што, Австрија силно го поддржува проширувањето и интеграција на регионот во ЕУ и, особено, усвојувањето на Преговарачката рамка и договорот за првата Меѓувладина конфереција со Северна Македонија и со Албанија. Сите овие споменати одлуки бараат консензус на сите 27 земји-членки на ЕУ. Но неделава не беше постигнат консензус ниту за Преговарачката рамка и за првата Меѓувладина конференција, ниту пак за заклучоците на Советот, иако различни партнери го спречуваат консензусот“, вели амбасадорот Вуцас, откако вчера  Чешка и Словачка не дадоа согласност за заклучоците на ЕУ за проширувањето.

    Во завршниот текст на заклучоците, на барање на Бугарија беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“, а Чешка и Словачка сметаат дека тоа е штетно и ќе предизвика компликации.

    „Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, кажаа вчера во заедничка изјава чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек и Иван Корчок.

    На ова вчера реагираше и Министреството за надворешни работи на Бугарија, кое кажа дека ветото врз заклучоците на Советот „ризикува поткопување на довербата во ЕУ и спречување на ЕУ да ги испраќа толку потребните сигнали до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат“ и побара Советот да овозможи заклучоците да се усвојат за време на тековното германско претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 31 декември.

    Бугарија, пак, на 8 декември стави вето на усвојувањето на Преговарачката рамка за Македонија, со барање земјава да прифати бугарски корени на македонската нација и на македонскиот јазик.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира