Македонија сè уште нема единствен број за пријавување несреќи, пожари, ризици и опасности – 112. Сите земји членки на Европската унија имаат единствен број за итни случаи – 112, а исто така овој број треба да го воведат и земјите аспиранти за членство во ЕУ. Но, иако е почнат да се имплементира пред 15 години, овој проект сè уште не е реализиран.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Агрон Буџаку вели дека пандемијата на коронавирусот влијаела и на реализацијата на овој проект. Дел од парите кои ЦУК ги добил од државниот буџет со ребалансот поради коронакризата им се земени, па дел од активностите не се реализирани.
„Јас се надевам дека догодина ќе успеаме да го пуштиме бројот во функција“, вели директорот на ЦУК Буџаку.
„За започнување на имплементација на европскиот број за итни повици Е-112 беше добиена финансиска помош и донација од Европската унија во висина од 4,7 милиони евра. Во овој момент се наоѓаме пред целосно завршување на градежното и телекомуникациско-информатичко уредување на оперативниот центар кој ќе биде сместен во просториите на Центарот за управување со кризи во Скопје. Во тек е изработка на идејно и техничко решение за останатите седум регионални оперативни центри низ земјава. Потоа ќе следи уредување на просториите во телекомуникациско-информатичкиот дел и опремување си потребниот мебел и техника според европски утврдени стандарди. Без разлика што подолго време беше одложуван, се надеваме дека следната година овој проект ќе биде имплементиран и бројот 112 ставен во функција“, вели Буџаку.
Сега во земјава има четири броеви за итни случаи и тоа 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи. Директорот Буџаку вели дека со воведувањето на единствениот број 112, граѓаните на едно место ќе пријавуваат несреќи без разлика дали станува збор за пожар, сообраќајна несреќа и слично.
„Ако некој странец во земјава сака да пријави пожар или некоја несреќа нема да знае тоа како да го стори, ќе треба да пребарува бидејќи кај нас не постои 112. Лично јас, кога се вратив во Македонија од Белгија, не знаев на кој број да пријавам пожар“, вели Буџаку.
Проектот европски број за итни случаи почна да се имплементира уште во 2006, веднаш по формирање на Центарот за управување со кризи како посебно владино тело. Како што велат од ЦУК, во тоа време била набавена автоматска телефонска централа за потребите на Центарот, како и 8 помали телефонски централи за главните осум регионални центри. Набавени биле компјутери, лаптопи и опрема за владините тела, управувачкиот комитет и групата за проценка. Во зградата на Дирекцијата и Центарот било извршено комплетно телекомуникациско поврзување со опрема. Во 2007 со јавен меѓународен тендер за имплементација на бројот 112 била изработена физибилити студија, а од владата беше формиран надзорен одбор за следење на имплементацијата.
„За жал, оттогаш до 2016 година и покрај напорите на ЦУК за реализација на овој прокт не се започна со имплементација. Сè до пред три години овој проект беше заборавен. Сега Владата повторно го отвори ова прашање и се почна со работа за негова имплементација. Бидејќи повеќе од 10 години ништо не било направено, потребно беше да се изработи нова физибилити студија оти состојбата е сменета. Решено е наместо осум да има седум регионални центри. Во моментов се работи на нивно реновирање, бидејќи просториите беа со навистина лоши услови, нечепнати откако се направени. Во тек е и тендерот за набавка на опремата која се набавува со пари од ЕУ“, вели Буџаку.
Со воведувањето на бројот 112 сите повици од цела држава ќе се примаат во главниот центар сместен во просториите на ЦУК, од таму повиците ќе се пренасочуваат кон оној за кого е наменет повикот. Тоа значи дека ако станува збор за пожар, операторот ќе го префрли повикот во централата на Противпожарната бригада.
А. АНТЕВСКА