Денеска за првпат после речиси два месеца бројот на активни случаи на ковид-19 е под 3.000. Институтот за јавно здравје денес регистрираше намален број на активни случаи и тоа 2.950. Последен пат под 3.000 активни случаи беа регистрирани на 23 јуни.
Од Министерството за здравство велат дека поголемиот број на оздравени лица во споредба со новозаболените придонесува за намалување на бројот на активни случаи во континуитет во последниот период.
„Денес е направен и рекорден број на направени тестови на дневно ниво, 2. 172, со што вкупната бројка на тестови во нашата земја достигна 123.122. Со зголемување на капациетети за дијагностика и зголемувањето на бројот на тестови, со пристапот на широко тестирање, целта е рано откривање и следење на што е можно поголем број на случаи, вклучувајќи ги и асимптоматските носители на ковид-19“, велат од Министерството за здравство.
Денеска во земјава се регистрирани 160 нови случаи на ковид-19, а починати се три пациенти, двајца од Скопје (60 и 72 години) и пациентка од Гостивар (53), сите во болнички услови.
В болница се вкупно 354 ковид пациенти.
Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата се 12.515, од кои оздравени се 9.030, а починати 535 пациенти.
А. АНТЕВСКА