БУГАРИЈА ОСТАНУВА НА ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, ОБЈАВИ БУГАРСКОТО МНР

    БУГАРИЈА ОСТАНУВА НА ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, ОБЈАВИ БУГАРСКОТО МНРПремиерот Заев се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни. (Фото: Влада на РСМ)

    Бугарија и натаму смета дека не се исполнети барањата за одржување на Меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори на Макеоднија со Европската унија. Позицијата на Бугарија за преговарачката рамка за Северна Македонија е непроменета и со тоа владата ќе настапи на престојното заседание на Советот за општи работи на ЕУ кое ќе се одржи на 22 јуни, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

    Македонскиот премиер Зоран Заев со министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров утре одат во Софија на разговори со техничкиот премиер Стефан Јанев, претседателот Румен Радев и претставници на политичките партии во последне обид да се испреговара симнување на ветото.

    „Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувладината конференција. Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за зацврствување на довербата и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог“, објави бугарското Министерство за надворешни работи.

    Заев вчера рече дека целта на посетата не е решението само по себе, туку повеќе обид „да се заокружат дискусиите и да се почека (формирање) политичка влада во Бугарија“.А денеска додаде: „На 6 октомври е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за нас“.

    Словенија го презема претседателството со ЕУ на 1 јули.

    Изборите во Бугарија ќе бидат на 11 јули и до формирањето нова влада ќе минат уште најмалку неколку месеци, откако по априлските во парламентот не се создаде владино мнозинство.

    На 21 мај, португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј во Скопје и Софија го доставија предлогот на португалското претседателство на ЕУ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Заев тогаш рече дека со ова предлог решение не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што е задоволена македонската круцијална позиција. Заев кажа и дека во предлогот се водело грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни и дека сериозно дискутираат за предлогот и ќе продолжат со состаноци.

    Техничкот премиер Јанев денеска во интервју за македонската државна агенција МИА изјави дека исполнувањето на Договорот за добрососедство се одвива бавно, додека заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања не постигнала ништо во нејзиното работење.

    „Да, кажавме дека таа Комисија треба нешто да постигне, но очигледно е дека таа ништо не заврши. Тоа беше јасно уште првата, втората година. Треба да чекаме уште пет години таа комисија да постигне нешто? Според мене, тоа не е реално“, кажа Јанев и нагласи дека неговиот апел е прашањето да се реши со разговор меѓу две влади.

    „Затоа мојот апел, се радувам што господинот Заев ќе биде наш гостин утре, е точно тоа. Владите да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, затоа што, како што веќе кажав, при сета добронамерност којашто беше изразена при потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, очигледно е дека неговото исполнување не се одвива. Еве веќе сме четврта година откако е потпишан, и ние немаме никаков напредок“, рече Јанев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира